Арсовски не се осмели да негира дека членови на партијата блиски до Мицкоски се осомничени за една од поголемите криминални афери тешка милиони евра, реагираа вечерва од СДСМ
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, вечерва во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 негираше каква било поврзаност на партискиот лидер со случајот со продажбата на парцели во Делчевско од физички лица на компанијата ЕВН.
„Она што можам јас да го констатирам и кажам, вие веќе ја начнавте таа тема дека со месеци се трубеше, народски кажано, низ медиумите, во јавноста. Излегуваа на прес конференции нашите политички опоненти коишто се во власта дека има наводна вмешаност на претседателот Мицкоски итн. Но ниту првиот и омилен директор на финансиска полиција на СДСМ, ниту првиот и омилен обвинител на СДСМ, ниту пак првиот полицаец и министер за внатрешни работи на СДСМ не најдоа никаква поврзаност иако четири месеци говореа дека претседателот Мицкоски има каква било вмешаност“,
рече Арсовски.
На констатацијата дека меѓу приведените има и телохранител на Мицкоски, партискиот портпарол го истакна тоа што претходно го наведоа и во соопштение од партијата: „Лицето никогаш не било работен однос со ВМРО-ДПМНЕ“.
Од СДСМ, пак, реагираа на вечерашниот телевизиски настап на Арсовски велејќи дека тој не се осмелил да негира дека членови на партијата блиски до Мицкоски се меѓу осомничените.
„Обидувајќи се невешто да го одбрани својот шеф на партијата во скандалот ’Криминални парцели‘, Мицкоски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ практично призна вмешаност на видни членови на партијата во скандалот. Арсовски не се осмели да негира дека членови на партијата блиски до Мицкоски се осомничени за една од поголемите криминални афери тешка милиони евра. Тој попусто се труди да прикаже некаков монтиран случај. Овој скандал кој јавноста го дозна уште пред неколку месеци мора да биде расчистен, ВМРО-ДПМНЕ да не врши притисок врз истражните институции“,
реагираа социјалдемократите.
Во предметот станува збор за продажба на парцели од физички лица на ЕВН за 40 пати повисоки цени од реалните. Продавачите на парцелите, претходно истите ги добиле на свое име прикажувајќи ги како дар иако за нив, според Управата за финансиска полиција, им платите кеш на претходните сопственици.
Финансиската полиција до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје денеска поднесе кривични пријави против седум лица. Продавачите, како и двајца управители од ЕВН.
Според соопштението од Управата, ЕВН исплатила 99 431 060 денари (околу 1,6 милиони евра) за земјишта чија реална пазарна вредност изнесува вкупно 2 146 723 денари (околу 35 000 евра).
Попладнево осомничените беа лишени од слобода и задржани во полициска станица. Од ОЈО Скопје ја потврдија информацијата иако не прецизираа колку и кои се приведените лица.
Во текот на утрешниот ден се очекуваат и повеќе информации околу приведувањето и дали лицата ќе бидат пуштени по 24 часа или евентуално обвинителството ќе отвори истрага и ќе побара некакви мерки на обезбедување.