СДСМ очајно се труди по секоја цена да се постави над законот. Конкретно фамилијата Заеви мисли дека ги поседува целата држава и институциите, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, во врска со синоќешната акција на полицијата во магацин во Струмица каде што волонтери пакувале хуманитарни пакети, донација од семејството Заев.
„Според дел од медиумите, вчера во полициска акција МВР привело неколку луѓе кои го кршеле полицискиот час во Струмица. Инаку, лицата се блиски до Зоран и Вице Заеви, а работеле до доцна во ноќта – до полноќ, подготвувајќи пакети брендирани од СДСМ, кои власта ги дели за масовен поткуп на граѓаните. Ова е вест која денеска осамна во медиумите. Шерифското однесување на семејството Заеви, кое мисли дека е над законот и дека поседува сѐ и секого во државава, стигнало дотаму што Вице Заев лично отиде во полиција да им се заканува на полицајците и на најшерифски начин да сака да го прикрие случајот“,
тврди Арсовски порачувајќи дека таквото однесување мора да заврши.
Дополнително, вели тој, ако некој го прекршил законот, мора да одговара.
ВМРО-ДПМНЕ бара сите што го прекршиле законот и биле приведени да одговараат, вклучително и Вице Заев доколку го прекршил полицискиот час.
„Инаку, лицата што го прекршиле законот и ги подготвувале овие пакети, целата јавност знае дека овие пакети се за масовен поткуп на граѓани кои треба да гласаат на изборите кога и да се одржат. Лицемерите од СДСМ ја потценуваат интелигенцијата на граѓаните и под превезот на некакви си хуманитарни побуди, вршат масовен изборен поткуп. Она што е најсмешно и најлицемерно е дека според сведоштвата на луѓе дека во пакетите што ги дели СДСМ нема ниту еден, ама баш ниту еден македонски производ, сите што се ставаат внатре се увозни“,
вели Арсовски.