Оваа администрација во Градот Скопје, оцени советникот, тешко дека ќе најде решение со приватните превозници
Советникот во Град Скопје, Стефан Андоновски, вели дека градоначалничката Данела Арсовска тајно ги платила долговите кон приватните превозници, но го држи градот во клинч бидејќи не сака да потпише нов договор.
„Треба да се знае дека ние бевме првата советничка група што го отвори прашањето за тоа дека на Скопје му се случува сообраќаен колапс и побаравме одговор од градоначалничката зошто ги прекинува договорите со тогашните приватни превозници без воопшто да има обезбедена алтернатива. Тогаш бевме обвинети дека штитиме приватни интереси наспроти интересите на Градот, за денеска да дознаваме дека таа тајно ги исплатила сметките или долговите што Градот и ЈСП ги имале кон овие приватни превозници, но нов договор не потпишува и градот го држи во еден клинч“,
изјави денеска Андоновски во врска со долговите за кои приватните превозници протестираа и го блокираа Скопје во декември лани.
Она што го покриваме, стотина автобуси, вели тој, сега се обидува да го покрие ЈСП, а граѓаните не може да стигнат на своите работни места и со саати чекаат на автобуските постојки.
„Ми се чини сè додека е оваа администрација во Градот Скопје, тешко дека ќе се наоѓа решение со приватните превозници“,
рече Андоновски.
Тој зборуваше и за блокираната сметка на Град Скопје и за обвинувањата на Арсовска дека тие се виновни за тоа, при што истакна дека како советничка група не ги гласале последните програми на Град Скопје и на јавните претпријатија. Обвини дека немало доволно транспарентност од страна на градот како се потрошиле средствата до овој момент.
„Многу е лицемерно до последната седница на Советот Град Скопје како СДСМ да ги гласате сите програми на градоначалничката коишто вклучуваат и финансиски планови, планови за трошење на средства и планови за проектирање без да побарате отчетност и транспарентност од Градот како се потрошиле парите до тогаш“,
рече Андоновски.
Од СДСМ, пак, изминатите денови испратија обвинувања до ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска за блокираната сметка и дека градот се наоѓа пред банкрот. Денеска од советничката група на социјалдемократите најавија дека ќе поднесат и иницијатива за вонредна седница на Советот за да се расправа за тешката финансиска состојба во Градот Скопје.
„Овој факт е уште повеќе поразителен затоа што за една и пол година колку што ВМРО-ДПМНЕ го предводи градот, нема реализирано ниту еден, потенцирам, ниту еден капитален проект. Дополнително, јавните претпријатија едвај функционираат, јавниот превоз е во колапс, а извесен период не функционираше ниту градската администрација затоа што немаа основни средства за работа. Граѓаните мора да знаат каде завршиле нивните пари“,
рече денеска советничката Љубица Јанчева од СДСМ.