Нов претседател е градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Арсовска, пак, обвинува дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ здружено ја разрешиле бидејќи, како што вели, на постојниот политички естаблишмент му пречат луѓе со визија и луѓе кои знаат да кажат „не“ на корупцијата и криминалот
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска е разрешена од функцијата претседателка на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).
Од нејзиниот кабинет преку соопштение до медиумите обвинија дека ова е дело на коалицијата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
„Со здружени гласови на градоначалниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, претставници во ЗЕЛС, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, беше разрешена од позицијата претседател на ЗЕЛС. Ова е само последниот пример за соработката помеѓу две партии на штета на граѓаните за нивните лични и теснопартиски интереси. На постојниот политички естаблишмент очигледно му пречат луѓе со визија, вредни и чесни, луѓе кои се независни и дејствуваат исклучиво во интерес на граѓаните. На СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ очигледно им пречат луѓе кои знаат да кажат не на корупцијата и криминалот, луѓе кои јавниот го ставаат пред бизнис-интересот на врхушката во партиите“,
велат од кабинетот на Арсовска.
Арсовска беше избрана за претседателка на ЗЕЛС во декември 2021 година, односно неполни два месеца откако стапи на функцијата градоначалничка на Скопје.
Како што изјави тогаш, таа беше избрана со едногласна поддршка од Управниот одбор.
Нејзиното разрешување, пак, било изгласано денеска со одлука токму на Управниот одбор. Од ЗЕЛС велат дека „за“ гласале мнозинството членови и најавија соопштение во текот на денот.
Оттаму велат дека за нов претседател е избран градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, а Арсовска ќе остане дел од Управниот одбор. Покрај смената на Арсовска, Управниот денеска одлучил да побара и итна средба со Владата за енергетската криза.
„Потпретседателите на ЗЕЛС, Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир, и Перо Костадинов, градоначалник на Општина Валандово, остануваат на истата позиција, а досегашната претседателка на ЗЕЛС, Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје, продолжува со активностите во ова тело како член на Управниот одбор. Всушност, и според Статутот на ЗЕЛС, градоначалникот на Град Скопје по функција е член на Управниот одбор на ЗЕЛС. На оваа седница, Управниот одбор донесе заклучок за упатување итно барање до Владата на РСМ за одржување на заедничка средба, на која главна тема на разговор ќе биде изнаоѓање соодветни решенија за предизвиците со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа, поврзани со енергетска криза. Беше нагласено дека општините се доведени во колапс од високите сметки за електрична енергија и дека најголемиот број општини не би можеле да ја издржат ваквата состојба ниту уште еден месец“,
соопштија од ЗЕЛС.
Управниот одбор на ЗЕЛС го сочинуваат 22 члена, меѓу кои е и Арсовска.
Останатите членови се градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ: Орце Ѓорѓиевски (Кисела Вода), Кирил Пецаков (Охрид), Дарко Костовски (Бутел), Марко Колев (Велес), Александар Стојкоски (ВМРО-ДПМНЕ), Жарко Ристески (Македонски Брод), Ацо Ристов (Радовиш), Митко Јанчев (Кавадарци) и Виктор Паунов (Карбинци).
Дел од Управниот е и Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ кој е претседател на Советот на Град Скопје.
Од СДСМ, пак, членови на Управниот одбор на ЗЕЛС се градоначалниците: Сашко Митовски (Крива Паланка), Горан Герасимовски (Центар), Перо Костадинов (Валандово) и Костадин Костадинов (Струмица).
Тука е и Сашка Крстевска-Павловска од СДСМ која е претседателка на Советот на Општина Старо Нагоричане.
Од ДУИ, пак, членови се градоначалниците: Висар Ганиу (Чаир), Нухи Незири (Теарце), Еркан Арифи (Липково), како и Илир Елези, советник од редовите на интегративците во Општина Боговиње.
Дел од Управниот се и градоначалниците на Студеничани, Азим Садики, од ДПА, како и на Куманово, Максим Димитриевски, кој на последните избори настапи како независен кандидат.