Николоски тврди дека автопатот нема да ја надмине сумата од 800 милиони евра и дека и понатаму останува најевтиниот што се гради во земјава
Нема никакви импровизации – надзорот е на највисоко можно ниво, порачува министерот за транспорт Александар Николоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 и ги отфрла наводите од анонимен допис дека ќе се брза со пуштање на тунелите кај Пресека на автопатот Охрид-Кичево. Тој најави дека тунелите и тој дел од автопатот ќе бидат пуштени во употреба следниот месец, а целиот проект ќе биде целосно документациски среден најдоцна до 31 мај следната година.
На новинарско прашање во врска со роковите за делницата Охрид-Кичево, Николоски посочи дека градежните работи се во финална фаза.
360°: Кон средината на септември имате изјава дека во следните два месеца ќе се пуштат во употреба тунелите кај Пресека и делот помеѓу Подвис и Врбјани, еден месец од тогаш е поминат, имате уште еден – ќе остане рокот?
Николоски: Таму одлично оди работата, сега одиме на фини работи – еве во среда ќе одиме со директорот Трајановски на терен да видиме, значи сме стигнати буквално, не карикирам, до фарбање на тунелот, до поставување осветлување во тунелот, значи оние најситни најфини работи, штом сме стигнале дотаму значи дека е одличен напредокот.
Александар Николоски, министер за транспорт
Во однос на анонимниот допис пристигнат до редакцијата на „360 степени“ и наводите дека ќе се направи импровизација за побрзо пуштање во употреба на тунелите, Николоски негира.
360° : До нашата редакција стигна еден анонимен допис поврзан со изградбата, пред сè на тунелите кај Пресека, во којшто се вели дека за да се отворат побрзо, при инсталирање на променливата сообраќајна сигнализација, а таа е многу важна во случај на пожар и не дај Боже сообраќајки, застој во тунелот – патем тунелите се долги два километри, не знам колку се знае… тврдењето во овој анонимен допис е дека ќе се импровизира и конкретно се спомнува командниот центар од каде што ќе треба да се управува со променливата сообраќајна сигнализација.
Николоски: Импровизации нема никакви, имајќи предвид дека имаме таму надзор којшто е исклучително стручен, тоа е ГИМ – „Градежниот институт на Македонија“, најголемата компанија во Македонија, најстручната компанија во Македонија во овој дел, го прави надзорот.
На потпрашање дали станува збор за австриски систем, Николоски додаде дека квалитетот и стандардите се гарантирани од надзорот и државните институции.
„Не знам, не ги знам напамет, тоа е одлука на изведувачот, во случајов на ’Синохидро’ којшто си ги решава тие работи, но знам дека надзорот којшто е заштита на државата, заштита на нас како држава, е на највисоко можно ниво и сум сигурен дека ГИМ нема да дозволи што било да се инсталира таму коешто не е по највисок квалитет и највисок стандард. Дополнително на тоа, кога ќе се заврши целиот проект, треба да се дадат две дозволи, едната е од Министерството за транспорт, втората е од Министерството за внатрешни работи, никој нема да си дозволи да потпише каков било документ доколку сите стандарди не се исполнети“,
вели Николоски.
Николоски посочи дека останува да се изведе најкомплексниот дел од трасата, кај селото Ботун.
„Останува најтешкиот дел на автопатот, знам дека многумина се зачудени зошто е тоа така, тоа е кај селото Ботун, по течението на реката Сатеска. Се избрало како што се избрало решение, таму целата земја е графитна, тоа е една црна земја којашто при најмал допир со вода станува кашеста, не можете да ја стабилизирате и затоа решивме да одиме со решение коешто го понуди ’Синохидро’, коешто е најмодерно решение, каде што се внесуваат армиран бетон, челични столбови коишто одат по 20 до 28 метри во земјата и на тој начин се стабилизира земјата, има 156 такви решенија, веќе ги презентиравме во јавност и очекувам да бидат завршени во рокот“,
посочи Николоски.
Во однос на финалните рокови за комплетирање на проектот, министерот подвлече дека патот нема да го пуштат во употреба без сите потребни документи и дозволи.
„Кога бев избран, знам дека ќе е шок ова за јавноста што ќе го кажам, единствениот автопат којшто беше со употребна дозвола во Македонија беше Демир Капија-Смоквица. Значи, имаме автопати во време на поранешна Југославија градени и ниеден не беше со употребна дозвола. Можете да замислите каква неодговорност е тоа од сите претходни влади, па и во поранешна Југославија. Од два аеродроми, едниот аеродром не постоеше никаде, тоа е охридскиот аеродром. Ние го запишувавме, објавив, па се чудеа луѓето, така што јас нема да дозволам ние да пуштиме во употреба пат без употребна дозвола. И тоа ќе биде најдоцна 31 мај следната година“,
рече Николоски.
Прашан за финансиската страна на проектот и за тоа дали ќе бидат потребни дополнителни средства по последниот кредит од 176,5 милиони евра, Николоски рече дека трошоците ќе бидат и помали.
„Ќе видиме на крај колку ќе излезе, но ќе биде под 800 милиони, што ако видите по километар сè уште е најевтиниот автопат што се гради во Македонија. Поевтин е и од ’Бехтел и Енка’ и од Скопје-Блаце и од Кичево-Букојчани, значи сè уште е најевтиниот автопат. И уште една работа – морам да бидам коректен и кон изведувачите, овој автопат е автопат што на крај ќе излезе дека се градел четири и пол до пет години. Кога ќе видите вкупно тоа ќе е многу повеќе, ама кога ќе видите активна работа, ќе го извадам и тоа на прес-конференција – 4,5 до 5 години,“