Христовски и Мицевски на своите фејсбук-профили ги објавија оставките наведувајќи дека донеле ваква одлука поради немањето поддршка, координација и достапност од градоначалничката Данела Арсовска
Поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на Градот Скопје, директорите добија понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени, напиша Арсовска на Фејсбук
Денеска градските јавни претпријатија „Градски паркинг“ и „Дрисла“ останаа без директори откако досегашните Бојан Христовски и Јане Мицевски поднесоа неотповикливи оставки.
Христовски и Мицевски на своите фејсбук-профили ги објавија оставките наведувајќи дека донеле ваква одлука поради немањето поддршка, координација и достапност од градоначалничката Данела Арсовска.
„Вчера бевме сведоци на политичко-медиумска конструкција против директорот на едно јавно претпријатие и секретарот на град Скопје, при што без никакви факти и аргументи тие беа експресно ‘елиминирани’. Значи, тоа се случува кога мерило за успехот не се резултатите туку игрите кои се рефлексија на други поинакви интереси од колективните. Сето ова покажува дека многу малку или воопшто не се посветува внимание на она што беше ветено пред граѓаните за модерно Скопје, а јас како поединец, и покрај многубројните резултати за кус период, не сакам да бидам дел од систем каде приоритет не се нашите цели и проекти и каде што нема поддршка од Градот ниту, пак, има нормална комуникација со градоначалникот. Затоа, поради незаинтересираноста на првиот човек на градот за потребите на скопјани и градски паркинзи, како и поради драстично намалената поддршка на проектите кои со сопствени средства ги реализираме денес, поднесувам неотповиклива оставка од позицијата в.д. директор на ЈП Градски паркинг – Скопје“,
напиша Христовски.
И неговиот доскорешен колега Јане Мицевски, сега веќе како поранешен директор на „Дрисла“, како причина за оставката го истакнува немањето координација и достапност со градоначалничката Арсовска и покрај многубројните обиди тоа да биде сменето.
„Во такви едни услови сметам дека првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме вчера, туку посветување на приоритетите и проектите кои се основна задача. Дополнително, ‘Дрисла’ се соочува со сериозен проблем поради сметките за струја кои се сериозен удар на претпријатието, а за жал до сега претпријатието нема никаква поддршка од Градот Скопје. Поради сето ова, јас денес си поднесувам неотповиклива оставка од местото прв човек на ‘Дрисла’“,
напиша Мицевски на Фејсбук.
По поднесените оставки од директорите, и градоначалничката Данела Арсовска се огласи на својата фејсбук-страница.
„Поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на Градот Скопје, директорите добија понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени“,
напиша Арсовска.
Таа и денеска додаде дека Градот Скопје е град на сите скопјани и затоа сите носители на овие одговорни раководни функции во градот се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери.
Вчера и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ остана без директор откако Златко Перински си поднесе оставка.
Од Град Скопје, пак, експресно одговорија дека Перински не си поднел оставка туку дека бил разрешен поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за тендер вреден 136 милиони евра.
Потоа следуваше „драма“ на прес-конференцијата која ја имаше најавено Златко Перински, а на која влета и градоначалничката Данела Арсовска. Прес-конференцијата беше во на моменти тензична атмосфера, со меѓусебни обвинувања, влетувања во збор и многубројни реплики меѓу ги соочија аргументите за постапката околу милионскиот тендер за избор на изведувач за пречистителна станица.