„Уште еден апел до централната власт, иако две години говориме за ова, се надеваме дека ќе бидат меѓу првите прописи коишто ќе бидат поништени или коишто ќе бидат променети“, вели Арсовска

ФОТО: Принтскрин
Промена на условите со кои се исплаќаат пожарникарите, односно со нов пропис да се отстранат бодовите кои ги ограничуваат средствата што можат да ги добиваат како надомест за нивната работа, како и да им се овозможи добивање на нови униформи и усогласување на критериумите за аплицирање на опрема со меѓународните стандарди, се барањата кои скопската градоначалничка Данела Арсовска рече дека ќе ги побара од новата власт.
Барањата до новата влада, Арсовска ги најави во обраќање на одбележувањето на Денот на македонските пожарникари.
„Нашите пожарникари треба да имаат промена во условите од кои што можат да бидат платени. Тие се лимитирани и средствата кои што ги добиваат како надомест за нивната работа се навистина ниски. Тоа го утврдува законот и за жал, ние како локална самоуправа не можеме да одиме над тоа коешто е утврдено со законските рамки. Затоа апелот е, лимитираните услови кои со нивните бодови ги ограничуваат, да бидат меѓу првите нешта коишто ќе бидат отстранети со нов пропис“,
рече Арсовска.
Според Арсовска, на пожарникарите од скопската противпожарна бригада поради бирократски процедури петнаесет години не може да им се овозможи добивање на нови униформи. Затоа, Арсовска побара од централната власт усогласување на критериумите за аплицирање на опрема со меѓународните стандарди.
„Единствениот критериум за аплицирање на каков и да е тип на опрема што им е потребна, да бидат меѓународните стандарди. Петнаесет години поради бирократски процедури да не им се овозможи на овие луѓе, да може соодветно да бидат опремени и да работат, навистина сметам дека е нешто коешто не би смеело да се дозволи. Затоа уште еден апел до централната власт, иако две години говориме за ова, се надеваме дека ќе бидат меѓу првите прописи коишто ќе бидат поништени или коишто ќе бидат променети“,
додаде Арсовска.
Командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Томевски, во своето обраќање укажа на предизвиците со кои се соочуваат пожарникарите, но укажа и на тоа дека Бригадата за противпожарна заштита брои 180 од предвидените 384 пожарникари.
„Бригадата за противпожарна заштита брои 180 пожарникари, за жал од предвидените околу 400 пожарникари кои секојдневно ги завршуваат своите работни задачи и одговараат на потребите на граѓаните на Град Скопје. Во периодот од минатогодишното одбележување на 20 мај до денес, Бригадата за противпожарна заштита бележи над 2 000 интервенции кои беа успешно реализирани, благодарение на пожртвуваноста на вработените. Сакам да им се заблагодарам на моите колеги и колешки кои иако работат во услови на недоволна пополнетост, како и недоволна опременост, бележат успеси на своите работни задачи“,
рече Томевски.