Искрата која доведе до кавгата беше моментот кога Арсовска реплицирајќи му на советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, со широка насмевка рече дека оној што бега од дебати е „шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски“
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, на денешната седница влегоа во конфликт откако таа му се обрати со „Талат Славески“, затоа што беше предупредена од првиот човек на Советот да не го споменува името на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ бидејќи не е присутен во салата.
Видно нервозен, Славески ѝ ги исклучи микрофоните на градоначалничката и побара од неа да ја напушти говорницата, а потоа ја прекина седницата.

Искрата која доведе до кавгата беше моментот кога Арсовска реплицирајќи му на советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, со широка насмевка рече дека оној што бега од дебати е „шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски“.
„Бега шпицниот градоначалник од дебата се крие Христијан Мицкоски, извинете морам да ви кажам. Пет дебати имаше можност, меѓутоа бега човекот. Што да ви кажам, се плаши“,
рече Арсовска од говорницата.
По ова веднаш реагираше претседателот на Советот Славески.
„Минатата седница сакав да ве прекинам на првата реченица, се знае кој е поканет во оваа сала, поканети се советниците, вие сте поканети, вашите соработници и оние што треба да презентираат и да бранат точки. Ниту еден лидер на партија или кој било не е поканет на седницата и не може да го барате“,
интервенираше Славески вметнувајќи ѝ се на градоначалничката во збор.
„Господине Талат Славески, јас ве замолувам…“,
почна Арсовска, по што ѝ беа исклучени микрофоните.
„Ова е лична навреда, ви го одземам зборот, имам право. Ве молам, напуштете ја говорницата, јас имам име и презиме. Ве молам, напуштете ја говорницата и не правете сцени тука“,
беше реакцијата на Славески.
Инаку, расправијата настана додека траеше дискусијата по точката за планот за вработување во ЈП „Водовод и канализација“ за 2023 година
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја прашуваа Арсовска како сега со планот за вработување за наредната година се планираат 120 вработувања, а пред неколку дена тврдеше дека има превработеност и отпушти 100 лица од претпријатието.
Арсовска влезе во конфликт и со советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, кој рече дека да не била ВМРО-ДПМНЕ Арсовска никогаш немала да стане градоначалничка бидејќи имала рејтинг од едвај десет отсто.
„Голема благодарност до ВМРО-ДПМНЕ. Што се однесува до шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски тој поддржал кандидат кој што победил на овие избори. Ако мислеле дека таа поддршка ќе биде условена со тоа да му се дозволи да краде, да лаже, да манипулира, извинете тоа ниту ќе се случи било кога ниту пак треба да биде некаков услов некој да му биде вечно благодарен. Тој што така мислел, тој што така пресметувал тој се излажал, величање на таква личност не треба да е во ничиј карактер ниту треба да биде одраз на постапките кои луѓето ги преземаат“,
возврати Арсовска.
Јавните обвинувања и остриот речник на релација Данела Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ почнаа со смената на директори на јавни претпријатија од редовите на партијата , а ескалираше на седницата на Советот на Град Скопје на 15 септември. Предупредувања до Арсовска дека можеби за една година ќе се најде во обвинителство да дава исказ, но и обвинувања од нејзина страна дека „директорчињата на Мицкоски биле фатени со рацете во медот“ и ословување на Мицкоски со „шпицен градоначалник“, можеше да се слушнат уште по првото советничко прашање што ВМРО-ДПМНЕ ѝ го упати на градоначалничката на седницата.
За потсетување денеска Заменик-градоначалничката на Град Скопје, Бујаре Абази, од редовите на Алијанса за Албанците си поднесе оставка од функцијата, а причината за нејзиното заминување од функцијата во Градот е, како што вели, тоа што им се дава власт на структури кои со години им наштетуваат на Албанците и воопшто на скопјани.