Градоначалничката и директорот на ЈСП повторно истакнаа дека за време на нивниот мандат возниот парк на ЈСП бил зголемен за двојно повеќе автобуси, а како што посочи директор на ЈСП, можеби некому му пречи тоа што што ЈСП станува вистински сервис на граѓаните и станува подобар превозник од приватните превозници
Седницата продолжи со прашања од други советници, кои се интересираа за истиот проблем, но според одговорите и текот на дискусијата ништо не навестува дека во скоро време би можело да се изнајде решение што ќе ја одблокира раскрсницата кај „Мавровка“
Ние сме тука во интерес на граѓаните, доколку некој решил да го опструира јавниот интерес нека му е на чест, истакна градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, одговарајќи на прашање на советникот од СДСМ и коалицијата во Град Скопје, Гордан Шутаров, во врска со хаосот во градскиот линиски превоз поради протестот на приватните превозници за ненаплатени долгови.

Шутаров на денешната седница за советнички прашања побара одговор од Арсовска колку картички им се издадени на приватните превозници и колку од нив се продадени, бидејќи, како што рече, обвинувањата на градоначалничката дека тие се продавале, а не се пријавувале фискални сметки се многу сериозни.
Градоначалничката на Град Скопје, пак, повторно се осврна на зголемувањето на возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ за време на нејзиниот мандат и дека тоа е базирано на релевантни информации, но не одговори на конкретното прашање.
„ЈСП на почетокот на овој мандат работеше со 140 исправни возила. Во изминатите 12 месеци се ставија во функција 270 исправни возила. Мојот впечаток е дека сите ние тука сме да го штитиме јавниот интерес. Доколку треба да го штитиме приватен интерес и приватни џебови, тоа е друго“,
рече Арсовска.

Во тој момент еден од советниците од место ѝ дофрла на градоначалничката: „Не лажи“.
По барањето од нејзината страна да не се дофрла од место, Арсовска рече дека бидејќи „некој“ престанал да вози, мислејќи на приватните превозници, договорот со него е раскинат. Потоа таа повторно го најави новиот јавен повик на кој ќе можат да се пријават индивидуалните приватни превозници, кои ќе ги исполнат условите.
„Ние сме тука да го заштитиме јавниот интерес. ЈСП се обидува да даде што е можно поквалитетна јавна услуга, нивните автобуси се со соодветен квалитет, соодветни стандарди и ние тоа ќе го почитуваме и понатаму. Треба да зборуваме за јавниот интерес. Да се запрашме конкретно, ЈСП има договорни обврски со многу институции и правни лица. Општина Бутел му должи поголема сума на средства ЈСП и што треба ЈСП да направи, треба да протестира да ги затвори сите булевари да ја блокира Општина Бутел“,
рече Арсовска од говорницата на Советот на Град Скопје.
Таа додаде дека доколку некој имал ненаплатени побарувања можел да ги искористи правните механизми и да поднесе опомена пред тужба, но тоа досега никој не го направил од засегнатите.
„Ако некој сака чесно да си заработува лебот, тоа ќе може да го направи преку новиот јавен повик. Ве повикувам како советници да го поддржите граѓанскиот интерес“,
рече Арсовска.
Аплаузот што таа го доби по своето обраќање, односно одговор на советничкото прашање, изнуди реакција од претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.
„Благодарам многу за аплаузот од многубројната публика од администрацијата на Град Скопје, која во голем број е присутна како поддршка во салата“,
гласеше ироничната забелешка на Славески.
На обраќањето на Арсовска реагираше советничката од СДСМ, Љубица Јанчева, која побара односот кон советниците да биде со почит бидејќи и ним јавниот интерес им е пред сè, додавајќи во тој контекст дека тие очекуваат да добијат одговори на своите прашања.
„Бараме да добиеме одговори, а не да добиваме обвинувања. Доколку не треба да поставуваме советнички прашања за да не бидеме карани, тогаш и тоа ќе го направиме, но чинам дека е ред на поставените советнички прашања да добиеме одговор“,
рече Јанчева.
По неа, за прашањето со јавниот линиски превоз и случајот со приватните превозници, реферираше и в.д. директорот на ЈСП „Скопје“, Александар Стојковски, кој како и Арсовска ја потенцира состојбата со, како што тврдат и двајцата, зголемениот возен парк на ЈСП, како и тоа дека негова должност е да го заштити интересот на граѓаните.

„Прашањето е зошто досега се десеткувани капацитетите на ЈСП и зошто тоа е доведено да зависи од добрата волја на приватните превозници. Ова не значи дека имам нешто против приватните превозници, но моја должност е да го заштитам интересот на граѓаните на Скопје“,
рече Стојковски.
Тој посочи дека од неговото доаѓање на функцијата на 1 јуни годинава биле исплатени сите фактури кон приватните превозници во износ од 150 милиони денари, од кои 111 милиони на „Слобода превоз“ и 44 милиони денари на „Макекспрес“. И тој, како и Арсовска, додаде дека ако приватните превозници сметале дека им се пробиени роковите можеле да поднесат тужба.
Директорот на ЈСП потоа наведе дел од членовите од договорите меѓу ЈСП и приватните превозници, во дел на задолжување и наплата на билети. Тој појасни дека приходот од продажба на билети се смета за приход на овластениот превозник.
„Овластениот превозник е должен да ја спроведува тарифата утврдена од Град Скопје, да продава билети за едно возење согласно тарифникот што го донесува ЈСП, приходот од билетите за едно возење е на сопственикот на возилото, со задолжително издавање на фискална сметка“,
реферираше директорот додавајќи дека превозниците се должни да ги чуваат дневните сметки најмалку пет години од денот на издавањето.
Тој посочи дека двата приватни превозници влегувајќи во интегрираниот тарифен систем, имаат задолжено карти само за 2017 година.
„И за што ме обвинувате, затоа што се побарам за правата на граѓаните. Можеби пречи тоа што што ЈСП станува вистински сервис на граѓаните и станува подобар превозник од приватните превозници. Јас како директор ја поддржувам заложбата на градоначалничката за зголемување на возниот парк затоа што знам дека со следниот договор им беше најавено дека ќе треба да имаа автобуси со екострандарди еуро 4. Со новиот јавен повик да се склучат договори со индивидуалните компании, а не со здруженијата“,
заврши в.д. директорот на ЈСП.
Советникот Шутаров рече дека не добил одговор на неговото прашање бидејќи долгот за кој зборуваат приватните превозници не може да се оспори.
„Не знам зошто сте навредени, јас побарав одговор колку картички се издадени и предадени на приватните превозници и дали тие продаваат билети без фискални сметки. Ако приватните превозници не издавале фискални сметки, тогаш морало да подигнат билети, морале да ги подигнат од ЈСП, мора да има белешка дали се билетите се вратени, продадени или нешто во ЈСП се случува или не ни ја кажувате до крај приказната“,
рече Шутаров, незадоволен од одговорот.

Седницата продолжи со прашања од други советници, кои се интересираа за истиот проблем, но според одговорите и текот на дискусијата ништо не навестува дека во скоро време би можело да се изнајде решение што ќе ја одблокира раскрсницата кај „Мавровка“.
Приватните превозници на „Слобода превоз, кои утрово ги паркираа своите автобуси и го блокираа сообраќајот на раскрсницата кај трговскиот центар „Мавровка“ попладнево по поминати повеќе од пет часа во протест поради неисплатените долгови од страна на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, се во исчекување на некаков исход од седницата за советнички прашања на Советот на Град Скопје и седницата на Управниот одбор на ЈСП што ќе им даде некаква извесност за решавање на нивните барања.
Тие ги повикаа и премиерот и претседателот на државата да се вклучат и да помогнат во надминување на проблемот.
Автобусите што возат за здружението „Слобода превоз“ од понеделникот оваа недела прекинаа да сообраќаат на линиите 9, 12, 22, 23 и 45 поради неисплатен долг од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и Градот Скопје.
Разговорите меѓу директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, со генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, за надминување на состојбата завршија без договор, што уште повеќе го зголеми антагонизмот меѓу приватниот превозник и Градот Скопје, односно градоначалничката Арсовска.