Досегашниот директор на претпријатието, Филип Пасху, има нова работна позиција во Град Скопје, а нов директор е Бојан Христовски кој претходно работел во МВР

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, го смени директорот на Јавното претпријатие „Градски паркинг“, Филип Пасху, кој го назначи на оваа позиција на последниот ден од 2021 година. За нов в.д. директор, како што соопштија од Градот, е назначен Бојан Христовски, кој претходно работел на повеќе позиции во Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Тој е магистер на науки на факултетот за безбедност, при Универзитетот ‘Св. Климент Охридски’, а во својата струка има поминато повеќе меѓународни обуки. Христовски од 2006 година има работно искуство во Министерството за внатрешни работи, каде што бил на повеќе на раководни позиции“,
соопштија од Град Скопје.
Како што додаваат оттаму, досегашниот директор на претпријатието, Филип Пасху, кој беше на позицијата само две седмици, сега има нова работна позиција во Град Скопје и затоа повеќе нема да ја извршува функцијата директор на ова јавно претпријатие.