Од кабинетот на градоначалничката велат дека разрешувањето на директорот следува по обиди за влијание и несовесно постапување во тендерска постапка за избор на изведувач на пречистителна станица
Директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Златко Перински, е разрешен поради, како што соопштија од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска, самоволие и несоодветно постапување во постапка за тендер вреден 136 милиони евра.
„Град Скопје го разреши Златко Перински, в.д директорот на Јавното претпријатие ’Водовод и канализација‘, поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер. Поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра, за изведба на пречистителна станица, Перински е разрешен во петокот на 09.09.2022 година“,
соопштија од кабинетот на Арсовска.
Перински беше поставен за директор на „Водовод и канализација“ во декември 2021 година, односно два месеца откако Арсовска, со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, победи на локалните избори. Името на Перински во јавноста е познато и по тоа што тој беше шеф на кабинетот на Христијан Мицкоски и дел од Извршниот одбор на партијата.
Од партијата во текот на денот најавија дека Перински во текот на денот ќе одговори на наводите од кабинетот на Арсовска околу прашањето за разрешувањето.