Покрај заменик-градоначалник, ГРОМ доби и дел од градскиот колач при распределбата на директорските позиции откако кадрите на ВМРО-ДПМНЕ си поднесоа оставки. Генералниот секретар на партијата, Крсте Петревски, од пред два дена е нов в.д. директор на „Градски паркинг“

Советникот во Советот на Град Скопје, Александар Трајановски, е нов заменик-градоначалник на Скопје.
Градоначалничката Данела Арсовска го назначи откако вчера досегашната нејзина заменичка Бујаре Абази од Алијанса за Албанците си поднесе оставка.
Новиот заменик е кадар на ГРОМ, а ова му е втор мандат како советник во Град Скопје.
„Александар Трајановски доаѓа од приватниот сектор и беше избран за член на Советот во Град Скопје на локалните избори кои се одржаа минатата година. Имајќи предвид дека во тек е неговиот втор мандат како советник во Град Скопје, Трајановски е еден од поискусните во овој советнички состав со долгогодишно искуство во работата на локалната самоуправа и градската администрација. Трајановски е прва генерација стипендист на програмата за ’Напредно лидерство‘ – АЛПИ организиран од Институтот ИРИ, Американската амбасада и Стејт департментот. Воедно е стипендист на Институтот за јавни политики ’Мајка Тереза‘ поддржан од Европската Унија“,
соопштија од кабинетот на Арсовска.
Оттаму велат дека очекуваат со неговото искуство да придонесе во останување на програмата „За модерно Скопје“.
ГРОМ доби дел од „колачот“ во Град Скопје откако ја раскина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ со која се скара и градоначалничката Арсовска. Пред два дена генералниот секретар на оваа партија, Крсте Петревски, беше назначен за нов в.д. директор на „Градски паркинг“.
Кадровските смени во градската власт следуваат откако Арсовска пред дваесетина дена објави дека ги разрешува дотогашниот генерален секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, и директорот на „Водовод и канализација“, Златко Перински – кадри на ВМРО-ДПМНЕ – поради самоволие и сомнежи за влијание во милионски тендер за пречистителна станица. Оттогаш сите директори кои беа кадри на ВМРО-ДПМНЕ си поднесоа оставки обвинувајќи за несоработка и неисполнување на ветувањата од страна на Арсовска, која пак, исто така рече дека е незадоволна од нивната работа и дека им понудила или сами да си дадат оставки или да бидат разрешени.
Препукувањата на релација Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ, временски се совпаднаа и со внатрепартиските превирања во ДУИ каде незадоволни членови, познати како „огнената група“, јавно побараа промени и го обвинија првиот вицепремиер Артан Груби за состојбите во партијата. Меѓу „огнените“ доминираат крила на ДУИ од скопски Чаир и Сарај, а пред два дена токму кадри од оваа група добија дел од раководните позиции во градската администрација во Скопје што дел од јавноста го протолкува како начин да се задоволат незадоволните интегративци.
Конкретно, Саид Саид, претходно вработен во „Паркови и зеленило“, стана в.д. директор на ЈП „Улици и патишта“, а Зухејр Реџепи, син на поранешниот поглавар на ИВЗ, Сулејман Реџепи, беше назначен за в.д. директор на „Паркови и зеленило“.
Ова ја налути Алијанса за Албанците, која заедно со ВМРО-ДПМНЕ ја поддржуваше Арсовска, па советничката Абази вчера си даде оставка од функцијата заменик-градоначалничка, а партијата ја откажа поддршката за градоначалничката.