Според началникот на ГШ, институциите имаат капацитет да се справат со кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот
Армијата, во текот на денот, ќе добие конкретни и проширени полициски овластувања, согласно одлуката на претседателот на државата за прогласување вонредна состојба и уредбата на Владата за нејзино спроведување. Ова го истакна началникот на Генералштабот на македонската Армија Васко Ѓурчиновски, на денешната прес-конференција.
Тој рече дека, во контекст на координирање на активностите со МВР и насоките на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, од утре армијата ќе се вклучи со дополнителен ангажман. Така, покрај зајакнувањето на граничната полиција на сите граници, дел од армијата, во координација со полицијата, ќе се ангажира за обезбедување витални државни објекти.
„Сепак, проценките се дека засега нема потреба од мобилизација на резервниот состав на Армијата. Ова е големо изненадување, кое затекна и многу поразвиени земји од нашата. Но институциите располагаат со соодветни капацитети. Оружените сили имаат капацитет и ќе направиме сè што е потребно за да се справиме со оваа криза и да не дозволиме да се случи тоа што се случува во некои наши блиски и сојузнички земји“,
рече Ѓурчиновски.
Началникот на ГШ на Армијата, на прашање за состојбите во центарот „Пепелиште“, рече дека сите сме опфатени со кризата, која не подразбира нација или религија.
„Тие капацитети Армијата ги користи 30 години. Несоодветна и недостоинствена е драмата што се приреди. Сепак, навреме се преземаа чекори за прелоцирање на лицата во други комплекси“,
рече Ѓурчиновски.