„На Македонија ѝ требаат храбри, подготвени и одлучни девојки и момци кои секогаш ќе бидат таму каде што е најпотребно бранејќи ги државните интереси и штитејќи ги НАТО сојузниците“, рече министерката за одбрана
Нови 150 професионални војници денеска добија договори за работа во редовите на Армијата на Република Северна Македонија.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека со приемот на новите 150 професионални војници се одбележува и успешно завршената 2023 година на македонската Армија. Оваа година, како што рече таа, била исполнета со многу успеси на армиските припадници, од учество во вежби, освојување медали, учество во мировни мисии, како и во спасувачки мисии.
„На Македонија ѝ требаат храбри, подготвени и одлучни девојки и момци кои секогаш ќе бидат таму каде што е најпотребно, бранејќи ги државните интереси и штитејќи ги НАТО сојузниците“,
истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска во свеченото обраќање.
Петровска рече дека благодарение на посветеноста, професионалноста, но пред се на љубовта кон татковината и личната пожртвуваност, денеска армијата е модерна, современа армија, во која , како што рече министерката, припадниците не прашуваат зошто и не бараат изговори, туку велат веднаш и дејствуваат.
Таа нагласи дека голема е честа која денеска им е дадена на војниците, да ја облечат армиската униформа, но уште поголема е обврската која ја добиваат.
„Да се биде војник, офицер или подофицер не е лесно и токму затоа ги избираме најдобрите. Патот кој денеска го почнувате не е воопшто лесен, но е благороден. Подгответе се за предизвици, искушенија, пожртвуваност, но никогаш да не се откажете од вашата единствена цел – да и служите на Република Северна Македонија“,
им порача Петровска на војниците.
Министерката потенцираше дека нивна задача од денеска е да ги почитуваат наредбите на нивните старешини и доследно и без изговори да ги следат правилата и насоките кои ќе им бидат дадени.
„На патот кон успехот не барајте скратени патеки и длабоки сенки. Дадете се од себе и ќе бидете најдобри“,
истакна Петровска која договорите на војниците им ги врачи заедно со началникот на генералштабот, заменик министерот за одбрана, државниот секретар и командантот на Командата за операции.