Има ситуации во минатото кога роковите за избор на шеф на државата предвидени во Уставот не се испочитувани, а таков пример се претседателските избори во 1999 година, вели доцентот на Правниот факултет при УКИМ, Марко Кртолица, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Кртолица потсетува дека тогаш Борис Трајковски е избран по истекот на мандатот на претседателот Киро Глигоров.

„Претседателот на Собранието во 1999 прилично доцна ќе ги закаже изборите или да бидам попрецизен, вториот круг ќе биде само пет дена пред истекот на мандатот на претседателот Глигоров. Со тоа ќе имаме состојба каде ДИК нема да има објективно доволно време да постапи по сите приговори и целиот процес за избор на претседател да биде завршен. Состојбата беше уште покомплицирана бидејќи имавме и прегласување. Така што, мандатот на претседателот Глигоров заврши на 19 ноември 1999 г., а претседателот Трајковски започна да ја врши функцијата дури на 15 декември 1999 г. Во тој вакуум период беше активиран член 82 од Уставот и претседателот на Собранието ја извршуваше претседателската функција“,
вели Кртолица.
Кртолица го наведува и примерот од 2004 година кога се одржаа вонредни претседателски избори поради смртта на претседателот Трајковски, како ситуација кога имало отстапување од уставните рокови.
„Нашиот Устав говори дека во таква ситуација изборот се врши во рок од 40 дена, што е навистина кус период. Во тие избори имаме случај каде што првиот изборен круг е во рамки на тие 40 дена, додека вториот круг и изборот на претседателот Црвенковски е по тие 40 дена. Но, овде треба да имаме предвид дека поради трагичниот настан, дисконтинуитетот е, секако, настанат помеѓу стариот и новиот претседател. Апсолутно таа состојба се разликува од моменталната и посоодветен е примерот од 1999 година“,
додава Кртолица.

Во однос на предностите при евентуално одржување на парламентарни заедно со претседателските избори, Кртолица посочува дека еден од аспектите е финансиската заштеда.
„Практично, во период на економска криза, идејата да се оди заедно на избори ќе заштеди доста финансиски средства. Вториот битен момент е вториот изборен круг. Во вториот круг имаме потреба од излезност од најмалку 40%. Дури и да немаме бојкот, податоците од излезноста во последните години покажуваат тенденција која загрижува, односно пад на одѕивот што политичките елити ја припишуваат на страв од коронавирусот, но јас би рекол дека големо влијание има и разочараноста на македонските граѓани од политичката понуда. Доколку се оди заедно на избори, претпоставката е дека вториот круг ќе биде организиран заедно со парламентарните, па така ќе се зголеми бројот на луѓе што ќе излезат бидејќи мотивацијата за парламенатрни избори ќе биде поголема и тоа ќе се преслика во излезноста и за претседателските избори“,
додава професорот по политички системи.
Од друга страна, еден од аргументите против истовремено одржување на претседателските и парламентарните избори, е фактот што ќе дојде до преклопување на изборната кампања за парламентарните со молкот за претседателските избори, додава Кртолица, кој потсетува на слични примери во претходни изборни години.
„Ќе биде потешко за институциите кога ќе треба да спроведуваат два изборни циклуси, односно избори за пратеници и избори за претседател. ДИК има искуство, меѓутоа, секако, ќе биде поголем предизвикот во оваа насока. 2014 година го решивме тој проблем со тоа што изборната кампања почна два дена порано за парламентарните избори и така се најде некое решение со кое сите беа задоволни“,
вели Кртолица.
Кртолица објаснува и дека науката нема цврста позиција дали изборите треба да бидат заедно или одвоено, меѓутоа дека се дава еден вид препорака изборите да бидат одвоени.
„Очекувано е дека едните ќе бидат поважни од другите, дека ќе ги преклопат другите избори и дека ќе влијаат врз исходот – едните избори врз другите. Од тие причини, обично, во науката се препорачува, иако не постои цврст став – да има разлика меѓу претседателски и парламентарни избори. Ако одиме на предвремени парламентарни избори, тогаш роковите со претседателските стануваат беспредметни, бидејќи тука веќе ќе може да се темпира предвремените парламентарни да се организираат заедно со вториот круг претседателски, доволно навремено за да може да се избере нов претседател пред истекот на мандатот на стариот“,
заклучува Кртолица.