За време на кампањата, тој ги нарекуваше своите конкуренти „политичка каста“, „комунисти“, „паразити“ и „пијавици“, а политичките митинзи ги водеше со моторна пила, така симболизирајќи ја својата намера да ги „исече“ државните трошоци
Радикалната програма, како што предлага Милеј, е особено популарна меѓу младите луѓе кои познаваат само постојани кризи во нивните животи и се разочарани од политичкиот естаблишмент и сакаат нешто сосема ново
Според прелиминарните резултати на претседателските избори во Аргентина, врз основа на 90 отсто од преброените гласови, кандидатот на екстремната десница Хавиер Милеј победи во вториот изборен круг против неговиот ривал, поранешниот министер за економија Серхио Маса.
Прелиминарните резултати покажуваат дека Милеј освоил речиси 56 отсто од гласовите, додека неговиот противкандидат Маса освоил 44 отсто од гласовите, објави Би-би-си.
Во говорот пред поддржувачите во Буенос Аирес, Милеј вети драстични промени за справување со „трагичната реалност“ на Аргентина, како што се зголемената инфлација и широко распространетата сиромаштија.
Тој истакна: „Денес почнува обновата на Аргентина“.
„Денес започнува крајот на падот на Аргентина. На моделот на декаденција му дојде крајот. Нема враќање назад“,
изјави Милеј.
Тој најави дека Аргентина ќе се врати на место во светот кое „никогаш не требало да го загуби“.
Противникот на Милеј, Маса го повикал својот противник и го призна поразот велејќи „Аргентинците избрале поинаков пат“, пишува „Гардијан“.
„Очигледно ова не се резултатите на кои се надевавме. Зборував со Хавиер Милеј за да му честитам бидејќи тој е претседателот што повеќето Аргентинци го избраа во следните четири години“,
додаде Маса, чие движење владее 16 од последните 20 години.
За време на неговата изборна кампања, Милеј вети дека ќе ја укине централната банка и ќе го воведе доларот во аргентинската економија за да се надмине финансиската катастрофа што остави 40 отсто од 45-те милиони граѓани на Аргентина во сиромаштија и ја зголеми инфлацијата на повеќе од 140 отсто.
„Знам како да го искоренам ракот на инфлацијата“,
рече Милеј за време на последната претседателска дебата.
На новоизбраниот претседател на Аргентина, кој ќе ја преземе функцијата на 10 декември, победата му ја честитаа актуелниот претседател на Аргентина, Алберто Фернандез, како и претседателите на САД и Бразил.
И поранешниот американски претседател Доналд Трамп упати честитки до Мајли, кој рече дека тој повторно ќе ја направи Аргентина голема, а сопственикот на платформата Икс, Илон Маск, најави дека просперитетот е пред Аргентина.
„Целиот свет гледаше! Јас сум многу горд на тебе. Ќе ја свртиш својата земја и навистина ќе ја направиш Аргентина повторно голема“,
напиша Трамп во честитката на социјалните мрежи.
Изборната комисија објави дека одѕивот бил 76 отсто, објави претходно Ројтерс.
Во првиот круг Маса освои 36,7 отсто, а Милеј 30 отсто од гласовите.
Радикалната програма како што предлага Милеј е особено популарна меѓу младите луѓе кои познаваат само постојани кризи во нивните животи и се разочарани од политичкиот естаблишмент и сакаат нешто сосема ново.
За време на кампањата, тој ги нарекуваше своите конкуренти „политичка каста“, „комунисти“, „паразити“ и „пијавици“, а политичките митинзи ги водеше со моторна пила, така симболизирајќи ја својата намера да ги „исече“ државните трошоци.
Всушност, тој се залага за целосен пресврт во економските политики на Аргентина.