Денеска во скопска Апелација се одржа јавна седница по жалбата што ИРЛ и Цветковска ја поднесоа против првостепената пресуда со која Основниот граѓански суд Скопје на 24 октомври 2023 година пресуди во корист на Анѓушев за наводи изнесени во емисија пред пет години
Апелацискиот суд Скопје на 25 февруари треба да донесе конечна одлука дали Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и нејзината уредничка Сашка Цветковска изнеле лаги и клевети против бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев во емисијата „Заговор против воздухот“, емитувана во 2021 година на МРТ.

Имено, денеска во скопска Апелација се одржа јавна седница по жалбата што ИРЛ и Цветковска ја поднесоа против првостепената пресуда со која Основниот граѓански суд Скопје на 24 октомври 2023 година пресуди во корист на Анѓушев.
Еден спроти друг во судницата седнаа тужителот Кочо Анѓушев и тужената Сашка Цветковска, со своите адвокати Мери Младеновска, односно Бојана Давитковска.
Стануваше збор за втора првостепена пресуда на Граѓанскиот суд. Во првата пресуда судот ја отфрли тужбата на Анѓушев, но Апелација по неговата жалба предметот го врати на повторно одлучување, со напатствија во однос на направените пропусти во првостепената постапка.
Втората првостепена пресуда
Истата судијка во октомври 2023 година, повикувајќи се на напатствијата од Апелација, донесе сосема спротивнс одлука, односно пресуди дека ИРЛ и Цветковска во емисијата објавиле невистинити факти против бизнисменот и ги задолжи медиумот и неговата уредничка да им платат по 60 денари на Анѓушев и неговите фирми кои се јавуваат како тужители и да ја објават изреката на пресудата во дневен весник.
„…Изнеле невистинити факти со намера да ги повредат нивната чест и углед (на тужителите), и тоа со објавување на фактот дека тужителот Кочо Анѓушев како еден од најголемите бизнисмени во Македонија и вицепремиер за економија направил запознавање на два ентитета, односно доцна во ноќта во зградата на Владата во неговиот кабинет со Кенан Ахметлиќ од ’Хива оил’ и Илија Стрезовски од „Евротим’, по која средба ’Хифа оил’ и ’Евротим’ добиле два нови клиенти, и тоа ’Брако’, фирмата на Кочо Анѓушев, и ’Фени индустри’ односно денешно ’Евроникел’, како и споменување на фактот дека најголеми клиенти на ’Евротим’ и ’Хива оил’ не се македонските болници туку е поранешното ’Фени индустри’ од Кавадарци, односно денешно ’Евроникел’, и со изјавата дека од тоа може да се заклучи дека приватниот интерес е многу поголем од јавниот интерес, односно профитните компании се оние кои имале и најголем интерес да го купат и набават мазутот бидејќи од 18 милиони евра само 2,9 милиони отпаднале на државните институции, а останатиот дел е во приватниот сектор од кој најголем купувач е ’Евроникел’, односно ’Фени индустри’… Во случајов, кога се работи дали да се заштити приватно право или право на слобода на говор, секогаш сум била на страна да се заштити слободата на говорот и ова е можеби прва или втора пресуда во кариерата во која носам ваква одлука. Апелацискиот суд ми ја укина (претходната) одлуката бидејќи сум морала повеќе да обрнам внимание на честа и угледот, кој исто така е заштитен со Европската конвенција за човекови права“,
рече тогаш судијката во скопскиот граѓански суд, Јованка Спировска-Панева.
Пресудата тогаш предизвика бурни реакции не меѓу новинарската фела, туку и воопшто во јавноста, меѓу политичарите, а во врска со неа реагираа и меѓународни новинарски здруженија и организации.
Силни реакции предизвика и коментарот на судијката дали во случајот со ИРЛ станува збор за вистински медиум што се занимава со истражувачко новинарство и дали неговата уредничка Сашка Цветковска навистина е истражувачки новинар.
Овој момент денеска беше истакнат и од правниот застапник на Цветковска и ИРЛ, адвокатката Бојана Давитковска од адвокатската канцеларија на Филип Медарски.
Таа во дополнувањето на жалбата пред Апелацискиот суд денеска наведе дека против судијката што ја донела пресудата, Судскиот совет на 25 септември 2024 година утврдил повреда во постапката поради исклучувањето на јавноста од рочиштето одржано на 13 октомври 2023 година.
Според адвокатката, тоа е од суштинско значење, како што е и навлегувањето на судијката во одредувањето на статусот на ИРЛ и уредничката Цветковска.
„Се осврнувам на клучниот момент спорен за тужените, а тоа е противправното впуштање на судот во утврдувањето на статус и својството на тужените како новинар и како медиум, а со оглед дека судот не е регулаторно тело за утврдување на таквиот статус, согласно законот за медиуми, јасно е дефинирано кои ентитети се сметаат за новинари. Овде тужените го имаат тоа својство, што е и јасно изложено во жалбата“,
рече правната застапничка на ИРЛ.

Стратешка тужба против јавниот интерес
Во овој контекст таа наведе и дека тужбата поднесена од Анѓушев е класичен пример на Стратешка тужба против јавното учество или т.н. СЛАПП (SLAPP)-тужба, за што Комитетот на министри на Советот на Европа во 2022 година има донесено одлука во насока на заштита на новинарите.
„Сакам да потенцирам дека судот пропуштил целиот овој период да утврди дека оваа тужба ги има сите карактеристики на Стратешка тужба против јавното учество, односно новинарите, а ова може да се утврди од содржината на тужбеното барање. Овој вид тужби најчесто се поднесуваат како неосновани, маскирани тужби за клевета и обично се поднесуваат со намера не да добијат правда, туку да ги исцрпат тужените и се базираат на нерамнотежа на моќта меѓу тужителот и тужениот со спречување на јавноста од обелоденување прашања од јавен интерес“,
рече адвокатката.
Дополнително, Давитковска посочи дека при подготовката на емисијата, ИРЛ постапила согласно сите новинарски стандарди, меѓу другото, побарала и став од Анѓушев за делот каде што се споменува тој.
Според авокатката, Анѓушев воопшто и не бил главната тема во емисијата, бидејќи неговото име се споменува само во две реченици. Примарна цел на сторијата, како што рече, е загадувањето со мазут, кое е долгогодишен проблем во оваа држава.
Но, адвокатката Мери Младеновска (инаку, поранешна министерка за правда), која го застапува Анѓушев, е со спротивен став. Таа во дополнувањето на одговорот на жалбата наведе дека ако целта било друго, зошто во емисијата провејувала фотографија со зумиран лик на Анѓушев, додека во позадината одела траорна музика.
„Од ограничувањето на слободата на говорот поопасно е само апсолутното неограничување на слободата на говорот. Тоа им се случи на тужителите против кои во јавноста беа изнесени невистини што влијаеја на нивниот професионален углед од моментот на емитувањето на емисијата до денес“,
рече Младеновска.
За тоа дека немаат намера финансиски да му наштетат на тужениот медиум, таа рече дека говори и тоа што како отштета бараат само 120 денари.
Во однос на мазутот, таа до судот достави, како што кажа, написи објавени во медиуми во 2025 година во кои се наведува кои фирми увезувале мазут, против кои форми биле преземени мерки, на кои фирми Регулаторната комисија за енергетика – РКЕ им доделила лиценци и кои лица биле приведувани и притворани.
„Она што е важно е дека тужителите не се предмет, ниту некогаш биле дел од постапка за мазут. Тие со мазут немаат врска“,
рече адвокатката на Анѓушев.
Анѓушев: Ужаснат сум од леснотијата со која се прави штета на македонската економија
Пред судот се обрати и бизнисменот, кој се осврна на, како што кажа, две работи – суштината и мотивот.
Суштината, како што рече, е дека ниту тој ниту неговите компании некогаш работеле со мазут и дека лицето Гоце Стефановски, кој говори во емисијата на ИРЛ, никогаш него сретнал, ниту го познава.
„Предметниот Гоце Стефановски, кој во емисијата им е крунски доказ, а јас би рекол дека е кафански доказ, никогаш во животот не сум го видел, слушнал или запознал. За јавна личност може секој да каже дека го познава. Тоа е суштината. Со оваа тужба сакав да ја тргнам таа монструозна лага од оваа клеветничка и тендециозна емисија. Клеветничка е затоа што кажува невистини и се обидува да ме поврзе мене со нешто со што никогаш не сум имал врска во животот и нема да имам, а тенденциозна е затоа што се обидува да направи дефокус од вистинските виновници за таа појава во оваа држава со загадување на воздухот со мазут. Јас ова не го правам за себе. Јас сум сопственик на компании со 1 000 вработени коишто се занимаваат со обновливи изводи на енергија и кои произведуваат возила на електричен погон, односно на водород, што се најнови светски технологии. И вие една таква компанија да обвините дека загадува со мазут, тоа има последица за сите 60 пазари и држави каде работам. Вџасен сум и ужаснат од леснотијата со којашто одредени лиза заради себепромоција, заради авантуризам и лов по ексклузивитет со леснотија споменуваат имиња како моето и прават трајна штета за македонската економија“,
рече Анѓушев.

Уредничката на ИРЛ не се обрати пред Судот на денешната јавна седница.
По изведувањето на доказите и завршните зборови, судијата од судечкиот совет, кој воедно е известител во предметот, Суад Алиу, обзнанувањето на пресудата го закажа за 25 февруари, односно за следната недела.
Во изјава за „360 степени“, Цветковска по завршувањето на јавната седница рече дека очекува од Судот не да ги заштити ИРЛ, туку да го заштити правото на новинарите слободно да известуваат за теми од јавен интерес и да ги заштити, како што кажа, од макотрпни процеси и јавни малтретирања, што всушност и претставува самиот термин СЛАПП.
„И ова судење изгледаше така, се зборуваа многу работи, неповрзани со судењето. Зошто? Затоа што претпоставувам потоа ќе се дистрибуираат во медиумите каде што неговите компании се рекламираат.
Доколку судот повторно пресуди во корист на тужителот, тоа ќе значи драматично намалување на важните и квалитетни информации за тоа што прават најмоќните и најбогатите во оваа држава, се одзема правото на граѓаните да бидат информирани за оние кои имаат огромни ресурси и огромна политичка и економска моќ“,
ни изјави Цветковска.
Седницата ја следеа и претседателите на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Павле Беловски.
Чадиковски за „360 степени“ изјави дека во континуитет го следи овој случај и дека очекува Апелација да пресуди во корист на ИРЛ и на новинарката Сашка Цветковска.

„ЗНМ во континуитет го следи овој случај којшто има генеза наназад неколку години и како што и тогаш кажавме, кога бевме практично изненадени, да не речам, запрепастени од таквиот начин, на којшто судот пресуди во тој момент. Така што, сега очекувам дека после една дистанца од случувањата можеме да очекуваме и се надеваме дека ќе добиеме пресуда којашто ќе ги ослободи од првостепената пресуда колегите од ИРЛ затоа што апсолутно истражувањето за коешто тогаш постоеше беше во согласност со сите новинарски, професионални и етички стандарди. Беше добитник на награди и на признанија, меѓу другото и на странски организации, и мислам дека судот ќе мора да цени и да ги земе предвид околностите на сите овие настани коишто следуваа после тоа, за да донесе правична пресуда, во интерес на јавноста. Јавноста едноставно има право да знае, има право да биде информирана, а ова истражување беше токму тоа“,
изјави претседателот на ЗНМ.
