Бектеши рече дека казните од 9 години затвор за Боки и 7 за Јанева се благи, првостепениот суд не ги ценел доволно отежнителните околности, а ги преценил олеснителните
Тој смета дека се неосновани жалбите на одбраната дека снимките кои се доказ во „Рекет“ се незаконски стекнати и потенцираше дека тука преовладува јавниот интерес, за што има и воспоставена судска пракса
Вишиот обвинител Дилавер Бектеши побара Апелацискиот суд во Скопје да им ги зголеми затворски казни на Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева во случајот „Рекет“.
На јавната седница тој побара да се отфрлат жалбите на одбраната и застана зад жалбите на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Бектеши рече дека казните од 9 години затвор за Боки и 7 за Јанева се благи, првостепениот суд не ги ценел доволно отежнителните околности, а ги преценил олеснителните. Тој смета дека неосновани се жалбите на одбраната дека снимките што се доказ во „Рекет“ се незаконски стекнати и потенцираше дека тука преовладува јавниот интерес, за што има и воспоставена судска пракса.
Пред вишиот обвинител, своите жалби ги образложија и адвокатските тимови од одбраната кои побараа укинување на првостепената пресуда и во најмал случај враќање на предметот на повторно судење.
Катица Јанева не дојде на јавната седница од здравствени причини, додека Јовановски беше присутен и имаше кратко обраќање пред советот од Апелација.
Тој оцени дека целата пресуда се заснова на голи претпоставки и нема ниту еден цврст доказ.
„Застапникот не обвинението не достави никаков несобролив доказ дека имало пари, дека имало предавање на тие пари… Во однос на претпоставеното мое влијание кон Јанева, нејасно е како може цивилно лице обичен граѓанин кој бил невработен и со блокирана сметка, да има какво било влијание. Јас би можел да имам влијание ако сум и бил надреден, ако имам реален авторитет од кој би зависела положбата на Катица Јанева“,
рече Јовановски.
Јовановски со првостепената пресуда е осуден за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластувања.
По денешната седница, Апелација ќе треба да се произнесе за предметот, односно може да ја потврди пресудата, да ја преиначи или да го врати предметот на повторно судење.
Според обвинението, а и првостепената пресуда за „Рекет“, откако во ноември 2018 била отворена истрагата „Империја“ на СЈО, биле барани пари од бизнисменот Орце Камчев, кој е еден од осомничените со цел тој да добие повластен третман, како укинување на притвор, враќање на пасошот, како и да добие својство на заштитен сведок или да склучи спогодба. Според обвинителството, биле земени 1,5 милион евра.
Со Јовановски и Јанева, за примање награда за противзаконито влијание беше обвинет и Зоран Милески-Кичеец, но тој уште на првото рочиште во декември 2019 призна вина и доби затворска казна од 3 години затвор. Таа е правосилна и од октомври лани тој ја издржува во Казнено-поправниот дом во Струга.