Пораката на Апасиев доаѓа откако ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието ја поднесе иницијативата за гласање недоверба на Владата, но и откако пратеникот од Алијанса, Скендер Реџепи-Зејд, изјави дека се залага за уривање на власта, но и дека нема да го стори тоа по цена неговиот потпис да биде на список на кој се наоѓаат потписите на пратениците од Левица
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, вечерва преку социјалните мрежи испрати порака до Алијанса за Албанците, Алтернатива и Беса дека треба да ја искористат историската шанса и да ја испратат ДУИ во опозиција.
„Ако пратениците на Алијанса, Алтернатива и Беса не ја искористат историската шанса во четврток да го стават ДУИ во опозиција, тогаш на наредни избори (кога и да бидат), ќе бидат прегазени токму од ДУИ како шлепер жаба и никогаш нема да се повратат. ДУИ, од позиција на власт, ќе освои 18 пратеника, а они – максимум 9. Затоа, памет у глава – емоции на страна и се гледаме на седница. Оти, политика е ШАХ“,
вели Апасиев.
Пораката на Апасиев доаѓа откако ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието ја поднесе иницијативата за гласање недоверба на Владата, но и откако пратеникот од Алијанса, Скендер Реџепи-Зејд, изјави дека се залага за уривање на власта, но и дека нема да го стори тоа по цена неговиот потпис да биде на список на кој се наоѓаат потписите на пратениците од Левица.
Раководството на Алтернатива, пак, попладнево заседаваше, но не донесе конечен став како ќе настапат нејзините четворица пратеници, вклучително и Зејд, на седницата в четврток кога треба да се гласа за доверба на Владата.
„Со оглед на тоа дека имаме време до четврток, дискусиите во партијата ќе продолжат и утре и најдоцна до среда ќе имаме конкретен став како ќе настапат нашите пратеници. Меѓутоа, едно сигурно можам да кажам – каква било одлука и да имаме, тоа ќе се почитува од сите пратеници од Алтернатива“,
изјави вечерва портпаролот на партијата, Орхан Муртезани.