Според податоците на Националниот информационен систем на Бугарија, во оваа држава се регистрирани 166 нови случаи на коронавирус во изминатите 24 часа. Направени биле 2775 ПЦР-теста. Две лица починале од инфекцијата.
Во Бугарија бројот на заразени достигна 4 408. Од нив активни се 1 827 лица. 384 заболени се лекуваат во болнички услови, а 16 се на одделенијата за интензивно лекување.
Новата бројка од 166 заразени е рекордна по одлуката за релаксирање на мерките за заштита од пандемијата.
Најголем дел од заразените во последното деноноќие, односно 60 лица се од Софија.
Директорот на Универзитетската клиника „Пирогов“, професор Асен Балтов, предупредува дека ситуацијата е сериозна, но би можеле да прерасне во драматична доколку бројот на дневно заразени ја надмине границата од 300 лица.
„Крајно време е народот да разбере дека ова не е обичен грип, туку многу тежок вирус, кој задолжително треба да биде лекуван минимум 14 дена во болница. Од вкупниот број активни случаи, 21% се хоспитализирани. Оние на кои им е потребна интензивна нега се помалку од 5%. Секое зголемување на бројот на заразени доведува до раст и лицата кои мора да бидат примени во болница. Ќе биде проблем ако состојбата не се смири, туку продолжи да расте. Во ситуација да имаме по 300 заразени дневно, тоа би значело дека на околу 60 лица ќе мора да се хоспитализираат. Тоа ќе ни ги преполни капацитетите на болниците и ќе се доведеме во сериозен проблем“, вели професор Балтов.