ДКСК најави оформување предмети и прекршочни постапки за сите избрани, именувани и разрешени лица кои не го почитуваат Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси
Преку сопствени механизми, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) утврдила оти пет лица во моментот извршуваат по две функции и најави оформување предмети за понатамошно постапување.

Од Антикорупциска велат оти доколку по утврдувањето на фактичката состојба се докаже дека станува збор за законски неспоиви функции од овие лица веднаш ќе биде побарано да се откажат од едната позиција, а дополнително ќе иницираат прекршочни постапки против нив согласно член 44 и 105 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
„Исто така, ја известуваме јавноста дека ДКСК, по извршената проверка на изданијата на ‘Службен весник на Република Северна Македонија’ за март 2026 година, како и по увидот во својата евиденција, утврди дека вкупно 38 лица, кои во текот на март 2026 година биле избрани, именувани или разрешени од функција, не ја исполниле законската обврска за поднесување изјава за имотна состојба и интереси до ДКСК во законски утврдениот рок“,
велат од ДКСК.
Оттаму информираат и оти против овие 38 поранешни и актуелни функционери ќе покренат постапки за сторен прекршок и соодветни казни по членовите 82 и 109 од законот и велат дека будно и редовно ќе го следат почитувањето на законските обврски од страна на сите носители на јавни функции.
