Речиси две децении по нејзиното формирање, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), конечно, доби свои простории, но институцијата има само околу 50 отсто од потребниот кадар, и тоа по неодамнешните вработувања. И со таков капацитет ова се „златни денови“ за институцијата која треба да превенира корупција
Најголема причина за загриженост во врска со ДКСК, сепак, не се внатрешните капацитети туку податок што произлегува од интерна анализа на институцијата – дека само 30 отсто од сите нивни препораки и иницијативи се земаат предвид. Свртено наопаку, 70 отсто од неправилностите или незаконитостите до кои доаѓаат антикорупционерите никој не ги есапи
„Дали се тие обвинители или бранители, навистина не ми е јасно“, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, за фактот дека ниту една од нивните 10 кривични пријави до обвинителството во последниве три години ја нема поминато почетната, предистражна фаза. И додава дека сите состави на ДКСК досега поднеле 163 кривични пријави до обвинителствата од кои само 3 стигнале до судење
Од прозорците на четвртиот кат во една од барокните згради во близина на црквата „Света Богородица“ во Скопје денеска требаше да ѕиркаат погледите на студенти на Факултетот за драмски уметности. Ама, замешаа прсти судбината, политиката и недоветни архитекти, па во просториите зад тие исти прозорци сега седат сосема други луѓе – антикорупционерите.
Иронично или не, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), по речиси 20 години постоење, конечно, доби свои, а не изнајмени простории во објект на чија фасада, веднаш над таблата на ДКСК, стојат театарските маски кои ја симболизираат трагедијата и комедијата. Иронично или не, антикорупционерите добија простор во објект што припаѓа на еден од корупциски најизвиканите проекти – „Скопје 2014“.
Но, „на подарен коњ заби не му се гледаат“. Големата слика е дека по две децении декларативни заложби на сите претходни влади, Антикорупциска, конечно, има решени просторни услови.




А просторните услови се важни не поради личните удопства за членовите на Комисијата или вработените, туку затоа што сега има соодветно место за архива, за повеќе вработени, па и за фамозниот компјутерски сервер, донација од ЕУ, со кој, на пример, треба брзо да се проверува дали функционерите ја кажуваат вистината во своите анкетни листови.
„Видете сега, овие простории не се споредуваат со тие каде што бевме претходно. Значи, условите се навистина многу, многу подобрени. И покрај тоа што, сега мора да кажам, дека и ова ни предизвика одредени финансиски трошоци. Моравме да преадаптираме. Знаете дека ова беа простории на Факултетот за драмски уметности, па имаше студија за снимање, моравме да ги направиме во поголеми канцеларии за вработените. Ние сега-засега сме задоволни, функционираме добро, иако ако ја гледаме големата слика, мислам дека непотребно се направиле трошоци за градење на тој факултет тука, бидејќи локацијата не била соодветна, според барањата на факултетот. Значи, веќе направени се трошоци, не биле исполнети стандардите за тој факултет, ми доаѓа некако како се некое дупло трошење на средствата што мене, како поранешен буџетски работник, не ми се бендисува“,
вели Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на комисијата за „360 степени“.
Има сега ДКСК простор, а и не може да се пожали дека нема и работа, но не треба да се заборави дека тоа не беше случај секогаш. Во годините пред да се избере сегашниов состав, до ДКСК годишно стигнуваа по не повеќе од 100 пријави. Во 2019 г. бројот рипна за десетпати! Заклучок – многумина биле погодени од корупцијата, ама немале каде да се обратат.

Од јавните извештаи и податоци што сами ги побаравме пресметавме дека од февруари 2019 г. до октомври 2021 г., ДКСК си имала работа со над 2 800 предмети, и тоа без оние што директно се однесуваат на изборите. Поголемиот дел од тие предмети се примени пријави, но значаен број се предмети отворени по сопствена иницијатива.

За да може да ги сработи тие предмети, како институција, на ДКСК ѝ требаат вработени. Според систематизацијата, треба да ги има 64 на број. Тука завршува описот за тоа што има Антикорупциска, а почнува листата – што нема. Кога се во прашање вработените, недостигаат 30. Грубо кажано, на секој вработен недостига уште еден. Ако е за утеха, лани и преклани било полошо.

„Точно е дека имаме наплив на пријави. Точно е дека стигнуваат пријави што содржат добри податоци, но има и пријави што не содржат доволно податоци, односно се анонимни, без податоци и веднаш треба да се отфрлат. Но, и тие одземаат време. Е сега, ние за да бидеме поефектни во нашата работа подготвивме упатство за приоретизација на предметите и преку бодирање, преку објективно поставени критериуми, ги исфрламе оние предмети што се многу позначајни за јавниот интерес и тие да добијат некаква предност во нашето постапување. Така што, сега имаме оправдани причини зошто некои предмети коишто подоцна дошле во архивата, ние сме ги обработиле порано. За волја на вистината, оваа година добивме малку поддршка во екипирање со човечки ресурси и тоа веднаш се забележува во нашата работа. Имајте предвид дека ние некаде околу 50 отсто ја имаме пополнето систематизацијата и, навистина, ни треба поголемо зајакнување. Меѓутоа, она што требаше да се доврши до крајот на годината, според планот на почетокот, како што беше планот за вработување, не се исполни поради изборите. Така што, сега очекувам следната година да завршиме со планот за вработување и уште малку повеќе ќе се зајакнеме од тој аспект“,
вели Ивановска.
Колку и да се, работата и на вработените во Секретаријатот и на седумтемина комесари е да ги разгледаат сите пријави. За пријавите „од надвор“, прво треба да проверат дали имаат надлежност, па потоа да одлучат и дали тие се основани. Ако одговорот на претходните две прашања е „да“, следува реакција до конкретни лица или соодветните институции. Сличен е патот и на предметите што ДКСК ги отвора по сопствена иницијатива. Тие реакции може да бидат во различни форми, од препораки до иницијативи до надлежни институции.
Најголема тежина од сите можни реакции се иницијативите до Јавното обвинителство.
Се преземаат дејствија…
Од почетокот на работата на новата Антикорупциска, па сè до почетокот на минатиот месец, бројките што ги собравме покажуваат дека тимот на Билјана Ивановска испратил вкупно 10 иницијативи (читај кривични пријави) до јавните обвинителства во земјата. Сите се однесуваат на случаи што се познати во јавноста. Меѓу нив се:
- иницијативата против градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, за непостапување во врска со дивоизградените платформи на Матка;
- иницијатива против ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, и в.д. директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, бидејќи ректорот земал плата од двете места;
- против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, кој си купи луксузно возило „ауди А6“ во услови кога Општината има обврска рационално да троши пари поради блокирана сметка;
- иницијатива за преиспитување на законитоста на носењето на деталните урбанистички планови и други дејствија за просторот спроти хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје и други.
Кога до обвинителството ќе стигне пријава, не само од ДКСК, обврска на институцијата е да постапи по неа. Во пракса, тие отфрлаат голем дел од пријавите, бидејќи обвинителите не наоѓаат основи за сомнение за сторено кривично дело. Но, значаен дел од пријавите продолжуваат како предмети.
Затоа, од обвинителството побаравме информација за судбината на сите иницијативи кои ДКСК ги испратила до нив, од почетокот на 2019 г. до почетокот на октомври 2021 година. Епилогот е следен: три пријави се отфрлени, а по другите „се постапува“. Меѓу отфрлените се токму пријавата за платофмирите на Матка и за ректорот Јанкуловски.
Во превод, ниту еден предмет што ДКСК го пратила до обвинителството не само што не стигнал до обвинение, туку и нема доказ дека напредувал повеќе од почетната, предистражна фаза. Од таквиот статус можат да се изведат само два логични заклучока – или ДКСК не знае што и како работи, кога се во прашање кривичните дела или, пак, обвинителството ја бојкотира Антикорупциска.
Која од овие тези е точна? За отфрлените кривични пријави од обвинителството велат:

„Причините за отфрлање на секоја иницијатива поединечно детално се наведени во донесените решенија. Во еден дел, поднесените иницијативи на Државната комисија за спречување на корупцијата биле споени со веќе постоечки предмети на кои дотогаш веќе работело Јавното обвинителство, или по сопствена иницијатива или по пријава од друг подносител. Но, сепак, на крајот може да се случи сомненијата заради кои бил оформен предметот да не се потврдат, односно пријавените дела да не се кривични дела кои се гонат по службена должност. Јавното обвинителство не може да ги оценува поднесоците по квалитет, особено што станува збор за посебни предмети од кои секој има свои специфики… Секоја дојава или сомнение за сторено кривично дело се разгледува внимателно и доколку се утврди дека во самата пријава недостигаат определени елементи, Јавното обвинителство е должно и има надлежност истите да ги прибави“,
одговорија од Јавното обвинителство.
На прашањето, пак, зошто другите предмети што не се отфрлени сè уште се во почетна фаза, од Јавното обвинителство одговорија:
„Што се однесува до траењето на предистражните постапки, треба да се има предвид дека определени предмети, особено оние кои се однесуваат на корупција, се посложени и потребно е подолго време за да се обезбедат потребните докази. Со оглед на тоа што истражната постапка е веќе ограничена со законски рокови за нејзино спроведување, најголемиот дел од доказите се обезбедуваат во текот на предистражната постапка, па оттаму неопходно е во текот на тој период да бидат преземени повеќе дејствија“,
велат од Јавното обвинителство.
Од Обвинителството не добивме директен одговор – каков е нивниот став за квалитетот на пријавите што им доаѓаат од ДКСК, односно дали проблемот е во материјалот што го добиваат од Антикорупциска.
Но, на истите прашања многу подиректни одговори имаше претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска. Според неа, Обвинителството веќе има дведецениска традиција да не ги зема предвид предметите од Антикорупциска.

„Ако го земеме предвид податокот дека од постоењето на оваа институција, значи во изминативе 20 години, вкупно се поднесени 163 иницијативи, од кои само за три има судска разрешница, може пошироко да се коментира работењето на Јавното обвинителство…“,
вели Ивановска.
Претседетелката на ДКСК смета и дека ваквиот однос на Јавното обвинителство не е „ексклузивно“ насочен кон нив, туку и кон другите институции чија улога е превентивна.
„Дали се тие обвинители или се тие бранители, навистина не ми е јасно. Имајќи предвид дека не е само оваа институција којашто поднесува пријави до обвинителството, имајќи предвид дека и Државниот завод за ревизија произведува голем број извештаи и наоди кои редовно се доставуваат до Јавното обвинителство, а не сме виделе се уште некаков тек после тие наоди, самото по себе е коментар“,
вели Ивановска.
По речиси две децении постоење и речиси три години по нејзиното „возобновување“, ДКСК е во најдобра кадровска и техничка кондиција од нејзиното основање. Претходната реченица би била пофалба ако не се знае дека и покрај сè комисијата работи само со 50 отсто од предвидените капацитети.
Сепак, најголема причина за загриженост е друг податок, кој произлегува од интерна анализа на ДКСК – дека само 30 отсто од сите нивни препораки и иницијативи се земаат предвид. Свртено наопаку, 70 отсто од неправилностите или незаконитостите до кои доаѓаат антикорупционерите никој не ги есапи.
Чуму тогаш Антикорупциска комисија со повеќе вработени и простории ако институциите и функционерите кои грешат не ја почитуваат а и никој не ги казнува за тој пристап?

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.