Преку еден милион прегледи имаат трите најчитани информации објавени на Твитер во врска со Македонија во последните два дена. Сите три топ вести содржат видеа од протестите кои се одржуваат во Скопје, но со назнака дека тие се резултат на зголемените цени на храната и горивата.
Доколку во пребарувачот на Твитер напишете „macedonia”, во рубриката „Тop“ односно најважни или најчитани, како прво се појавува видеото од канаѓанката Александра Лавоие, која се претставува себеси како француски новинар од rebelnews.com, медиум кој е антиестаблишментски настроен. Интересно е дека кусото видео од протестите во Скопје е преземено од Раша Тудеј, а е насловено како „Големи протести во Бугарија и Македонија“.
Иако во видеото не се споменува причината, ниту такво нешто се случува во Бугарија, бекграундот на авторот и коментарите под објавата, како и лицата кои го преобјавуваат твитот, јасно покажуваат дека целта е да се покаже дека ширум светот се живее се потешко, а не дека во Скопје се демонстрира поради сосема друга причина.
Тоа умешно го користат антиглобалистите и путиновите ботови кои протестите ги ставаат во контекст на анти-руските санкции кои генерираат криза во прехранбениот сектор и во енергетиката и го парализираат земјоделското производство поради недостигот на ѓубрива.
Слична е и објавата на познатата анти-ваксерка Берни Спофорт која Твитер неколку пати ја има цензурирано поради ширење лажни вести. Таа, споделувајќи видео од протестите, пишува: „Северна Македонија. Немирите сега се шират и на Балканот, луѓето едвај ги преживуваат поскапувањата на храната и на горивата. Нашите медиуми нè држат во мрак, а новите закони од нашата влада оневозможуваат да имаме дури слична идеја“. Само оваа објава има преку 800 илјади прегледи.
И третиот пост во групата најчитани твитови за Македонија во последните два дена е во слична насока како и претходните. Го напишал извесен Ријал Флај, кој има преку 108 илјади следбеници. Од неговиот профил може да се заклучи дека е поддржувач на руската агресија на Украина, на Евроазискиот сојуз и на мултиполарноста. Во објавата со видео од протестите во Скопје на Раша Тудеј, твитерџијата ги споменува Бугарија и Македонија како земји во кој се случува голем пресврт и демонстрации против европските политики.