Меѓу цензурираните документи објавени од Анонимуси, од кои некои датираат од 5 март, се и оние кои покажуваат дека Москва цензурирала сè каде се споменува војната како „руска инвазија“ на Украина
Најпознатата хакерска група Анонимуси ја хакираше Роскомнадзор, руската федерална агенција одговорна за следење и цензура на медиумите и објави 360 000 документи, соопшти групата на својот налог на Твитер.
Roskomnadzor leak released.
— Anonymous (@YourAnonNews) March 10, 2022
ddosecrets[.]com/wiki/Roskomnadzor
Меѓу цензурираните документи објавени од Анонимуси, од кои некои датираат од 5 март, се и оние кои покажуваат дека Москва цензурирала сè каде се споменува војната како „руска инвазија“ на Украина.
Роскомнадзор го блокираше пристапот на Русите на Фејсбук, откако руски написи беа означени како неточни. Агенцијата, исто така, се закани дека ќе ја блокира руската Википедија поради вклучувањето на напис за „руската инвазија“.
Анонимуси пред неколку дена хакираа неколку руски медиуми, прекинувајќи ја нивната содржина и оставија порака дека „нормалните Руси не ја поддржуваат војната“.
„Почитувани граѓани. Ве повикуваме да престанете со ова лудило, не ги праќајте вашите синови и сопрузи во сигурна смрт. Путин нè тера да лажеме и нè загрозува“,
се вели во соопштението на руски јазик.
„Изолирани сме од остатокот од светот, повеќе не се тргува со нафта и гас. За неколку години ќе живееме како во Северна Кореја“,
се вели во соопштението
Анонимуси водат сајбер војна против Русија од 24 февруари, кога започна инвазијата. Групата е заслужна за хакирање на голем број вебстраници на руската влада. Тие, исто така, отворија вебстраница на која корисниците можат да испраќаат мејлови до Руси чии електронски адреси се зачувани во базата на податоци и ги охрабрија корисниците да ја „шират вистината за војната во Украина“.