Од друга страна, како еден од двата „бистри настани“ за истиот месец е издвоен и отворениот предмет од страна на Обвинителството за надзорот над изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“
Изборот на консултант и надзор над изградбата на автопатиштата на коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“ е оценет за еден од „матните настани“ за март, покажала анкетата за корупција на „Транспаренси интернешнл-Македонија“ во рамки на проектот „Бистро–Матно“.
Од „Транспаренси“ наведуваат дека неколку од партнерските комании во победничкиот конзорциум за надзор над изградбата на коридорите, предводен од италијансаката „ИРД инженеринг“, имаат претходна историја со неетичко и неодговорно постапување во својата работа.
„Меѓународниот конзорциум ‘ИРД инженеринг’ ќе биде консултант и надзор за автопатиштата на коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум ‘Бехтел и Енка’. Понудата на ‘ИРД инженеринг’ е во износ од 1 374 304 070 денари (22,35 милиони евра). Неколку партнерски фирми во конзорциумот имаат претходна историја со неетичко и неодговорно постапување во својата работа“,
истакнуваат од „Транспаренси интернешнл-Македонија“.

Од друга страна, како еден од двата „бистри настани“ за март е и отворениот предмет од страна на Обвинителството за надзорот над изградбата на автопатиштата на „Бехтел и Енка“.
„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) по допрен глас отвори предмет за надзорот над изградбата на автопатите, кои се дел од коридорите 8 и 10-д. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“,
посочуваат од „Транспаренси интернешнл-Македонија“.
Меѓу останатите „матни настани“ за минатиот месец кои ги наведува „Транспаренси“ се и констатираниот судир на интереси на Агенцијата за филм при распределба на средствата за ланскиот конкурс и застарувањето на судски предмети. Четвртиот „матен настан“ е поврзан со тројцата ексдиректори од случајот „Маѓар телеком“ осудени во отсуство на по осум години затвор.