Речиси една четвртина од македонските граѓани или 21,8 отсто сметаат дека алтернатива на земјава по недобивањето датум за преговори со ЕУ, е Евроазиската унија, покажува најновата анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС)
Сепак, мнозинството од испитаниците – 65,3 отсто, на прашањето за тоа кои се алтернативите сега, одговориле дека треба да продолжиме со реформите без оглед на исходот со датумот за започнување на преговори со ЕУ.

Мнозинство од испитаниците одговориле негативно на прашањето дали треба целосно да се имплементира Преспанскиот договор по негативниот исход од самитот во Брисел.

Дури 55,1 отсто од граѓаните сметаат дека опозицијата не е доволно посветена на реформската агенда кон ЕУ.

Според истражувањето, поголем број од испитаниците сметаат дека земјата се движи во лоша насока – 46,5 отсто, за разлика од 32 отсто граѓани кои оценуваат дека земјата се движи во добра насока. Секој петти испитаник, пак, смета дека насоката е иста и ништо не е променето.

Анкетираните одговарале и на прашања за случајот „Рекет“. Мнозинство од нив – 68 отсто сметаат дека Владата не направила доволно.

Податоците се добиени со теренска анкета во периодот од 15 ноември до 1 декември 2019 година и е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.