Во однос на надворешната политика, 64 отсто од граѓаните на Северна Македонија се согласуваат дека силните односи со Кина им служат на нивните интереси, а 60 проценти истото го мислат за Русија, што е зголемување од 11 проценти за Кина и шест проценти за Русија за една година
Зголемување на кинеското и руското влијание, недостиг на транспарентност во политичките партии и поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“, покажува новата анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Северна Македонија.
Во однос на надворешната политика, 64 отсто од граѓаните на Северна Македонија се согласуваат дека силните односи со Кина им служат на нивните интереси. Шеесет проценти истото го мислат за Русија. Ова е зголемување од единаесет проценти за Кина и шест проценти за Русија во однос на анкетата спроведена во февруари 2020 година.
Новообјавената анкета покажува и силна поддршка за Европската унија (ЕУ) и САД. Севкупно, 85 проценти од испитаниците се согласуваат дека силните односи со ЕУ најдобро им служат на интересите на Северна Македонија, а 76 проценти го делат истото мислење за САД.

„Додека Северна Македонија се труди да постигне демократски напредок, загрижува фактот што Кина и Русија продолжуваат со постојаните упади. За среќа, поддршката за блиски партнерства со ЕУ и Соединетите Американски Држави останува многу силна“,
рече Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа.
На прашањето за политичките партии, само 21 отсто од граѓаните на Северна Македонија веруваат дека тие се транспарентни во работењето со парите добиени од државниот буџет. Понатаму, 48 отсто не биле запознаени со износот на државниот буџет кој што годишно се издвојува за финансирање на политичките партии.
„За една демократија да биде успешна, апсолутно суштинско е политичките партии да изградат доверба. Оваа анкета покажува дека транспарентноста во политичките партии во иднина треба да биде приоритет“,
вели Мекарти.

Иницијативата „Отворен Балкан“ ја поддржуваат 75 отсто од возрасните.

Истражувањето го спроведе БРИМА, за потребите на Центарот за анкетни истражувања на ИРИ, во периодот од 27 ноември до 23 декември 2021 година , преку интервјуа со 1 226 испитаници. Маргината на грешка е ± 2.8 поени на ниво на доверба од 95 отсто. Стапката на одговор е 75 проценти.
ИРИ наведува дека анкетата беше спроведена во период на претходниот владин состав и пред инвазијата на Руската Федерација врз Украина.
Анкета е спроведена со поддршка од Националниот фонд за демократија.