Резултатите од анкетата се однесуваат на изборната единица 3 со 22 општини во источниот и во централниот дел и ИЕ 4 на југот со 18 општини
ВМРО-ДПМНЕ е во речиси двојна предност пред СДСМ во третата и четвртата изборна единица, покажува најновата анкета на Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС), чиј програмски директор е Владимир Божиновски, а која беше презентирана во синоќешната емисија „Објектив“ на МРТ 1.
Двојна предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ во изборните единици 3 и 4
На прашањето За која партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори, 32,8 отсто од испитаниците рекле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а 14,8 проценти својот глас би го дале на СДСМ. Во третата изборна единица за Левица би гласале 3,9 проценти од испитаниците, а за новоформираната партија ЗНАМ на Максим Димитриевски својот глас би го дале 3,5 отсто.
Вкупно 16,2 отсто од испитаниците во третата изборна единица рекле дека нема да гласаат за ниедна партија.
На истото прашање, во изборната единица 4 испитаниците дале слични одговори. За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 30,4 отсто, а за СДСМ 16,9 проценти. Во четвртата изборна единица за Левица би гласале 3,7 проценти од испитаниците, а за ЗНАМ својот глас би го дале 2,6 отсто.
На прашањето Која партија сметате дека ќе победи на следните парламентарни избори, мнозинство од испитаниците во изборната единица 3, односно 38,5 проценти, прогнозираат победа на ВМРО-ДПМНЕ. Изборна победа за СДСМ во изборната единица 3 прогнозираат 15,1 отсто од испитаниците. За победа на Левица рекле 3,6 отсто, а за ЗНАМ 3,2 проценти од испитаниците во ИЕ 3.
Повеќе од девет проценти од испитаниците во третата изборна единица одговориле со „ниедна“ на прашањето која партија ќе победи на следните парламентарни избори, а 13,1 отсто не сакале да кажат.
На истото прашање, во четвртата изборна единица мнозинството испитаници, односно 36,9 отсто од испитаниците рекле дека не знаат или дека немаат одговор. Дека ќе победи ВМРО-ДПМНЕ рекле 36,4 отсто, а за СДСМ прогнозирале само 7 проценти од испитаниците. Во „четворката“, 3,1 отсто од испитаниците Левица сметаат дека ќе биде победник, а 2,4 проценти победата ја прогнозираат за ЗНАМ.
Испитаниците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата која најдобро би се справила со проблемите
Испитаниците во третата и четвртата изборна единици одговарале и на прашањето која партија сметате дека најдобро би се справила со проблемите со кои се соочува Македонија.
Во третата изборна единица, 29,4 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е ВМРО-ДПМНЕ, а двојно помалку, односно 14,4 проценти, рекле дека СДСМ е партијата што најдобро би се справила со проблемите.
Дури 23,8 отсто од испитаниците рекле дека ниту една партија не може да се справи со проблемите.
Во „четворката“, 30,8 отсто од испитаниците рекле дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата која може да се справи со проблемите, а 13,8 отсто сметаат дека тоа е СДСМ. И во оваа изборна единица, висок процент на испитаници дури 28,6 сметаат дека ниту една партија не може да се справи со проблемите.
Испитаниците биле прашани и дали повторно би гласале за истата партија. Во „тројката“ одговор „сигурно да“ дале 33,9 отсто од испитаниците, а за „сигурно не“ рекле 18,5 проценти. Голем процент, 27,3 отсто, во ИЕ3 рекле дека не знаат или дека немаат одговор.
На ова прашање во ИЕ 4, најголем процент од испитаниците – 37,2 отсто, рекле дека не знаат или дека немаат одговор. Во оваа изборна единица, анкетата покажала дека партиите може да сметаат на 36,1 процент дека повторно ќе го дадат гласот за нив, наспроти 19,7 проценти кои рекле дека сигурно нема повторно да гласаат за истата партија.
Дали на наредните избори треба да се промени актуелната власт или таа треба да остане, е следното прашање од кое беа презентирани резултатите.
Во ИЕ 3, 66,7 отсто од испитаниците сметаат дека таа треба да се промени, а 9,1 процент дека треба да остане. Слични одговори биле добиени и од испитаниците од четвртата изборна единица. Тука 69,7 отсто од испитаниците рекле дека актуелната власт треба да се смени, а 9,3 проценти дека треба да остане.
„Македонија се движи во погрешна насока“
Во анкетата на ИПИС беа презентирани и резултатите од одговор на други прашања. Испитаниците одговарале и за тоа во која насока според нив се движи Македонија. Тука, во изборната единица 3, 61,8 отсто од испитаниците одговориле дека се движи во целосно погрешна, а во изборната единица 4, на истото прашање одговорите се речиси слични. Дека земјата се движи во целосно погрешна насока сметаат 68,8 отсто од испитаниците.
Анкетата е спроведена телефонски, во третата изборна единица на 1 000 испитаници, а во четвртата на 1 001 испитаник.