Според анкетата, во април споредено со февруари и март, има зголемување на поддршката кај сите претседателски кандидати
Според симулацијата на пратенички мандати направена врз основа на анкетата на ИПИС, најмногубројна пратеничка група би имала ВМРО-ДПМНЕ со 51-54 пратеници. СДСМ би добил 28-30 пратенички места. Демократската унија за интеграција (ДУИ) може да смета на 13-17 пратенички столчиња, а двоцифрена бројка мандати би добила и коалицијата „Вреди“ и тоа 11-13
На претстојните претседателски избори кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, и на СДСМ, Стево Пендаровски, би освоиле најмногу гласови и тие би се пласирале во вториот круг за избор на шеф на државата. Ова го покажуваат резултатите од анкетата спроведена од Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС), чиј програмски директор е Владимир Божиновски.
Според податоците објавени во вчерашната емисија „Објектив“ на МРТ 1, на прашањето „За кого ќе гласате на претстојните претседателски избори“, 26,2 отсто од испитаниците рекле дека тоа е Гордана Силјановска-Давкова, а за Стево Пендаровски се определиле 16 отсто од испитаниците.
По нив, со двојно помала поддршка е кандидатот од ДУИ, Бујар Османи, за кого рекле дека ќе гласаат 7,7 отсто од испитаниците. Блиску до него со поддршката е и кандидатот на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, за кого гласот би го дале 7,2 отсто.
За Максим Димитриевски рекле дека би гласале 5,2 отсто, за кандидатката поддржана од Левица, Билјана Ванковска, се изјасниле 3,7 отсто од испитаниците, а 1,1 отсто за Стевчо Јакимовски од коалицијата „Храбро за Македонија“.
Според анкетата, во април споредено со февруари и март, има зголемување на поддршката кај сите претседателски кандидати. И вчера не беа презентирани резултати на евентуално прашање за кого испитаниците би го дале гласот за шеф на државата во вториот круг од претседателските избори.
Зголемување на партиските рејтинзи
Во април, во однос на февруари и март, се зголемил и рејтингот на сите партии, а се намалил процентот на оние што се неопределени или не сакале да кажат.
Во последната анкета зголемен е и бројот на испитаниците што рекле дека сигурно ќе излезат на гласање. На прашањето „Доколку следната недела има парламентарни избори, дали ќе излезете на гласање“, 50 отсто од испитаниците одговориле „да“, додека 21 отсто рекле дека не знаат или немаат одговор. На ова прашање, 15,2 отсто одговориле дека нема шанси да гласаат.
На прашањето „За која партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори“, 23,3 отсто одговориле за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ додека 12,9 % – за коалицијата на СДСМ.
На истото прашање, за „Европскиот фронт“ на ДУИ рекле дека се 7,2 отсто од испитаниците, коалицијата „Вреди“ би добила гласови од 5,6 отсто од испитаниците, гласот за Левица би го дале 3,7 отсто, а за ЗНАМ – 3,4 отсто.
На ова прашање, 19,8 отсто од испитаниците не сакале да кажат за која партија би гласале, додека 13,6 проценти рекле дека гласот не би го дале за ниту една партија. Дека не знаат или немаат одговор се изјасниле 10 отсто од испитаниците.
Анкетираните одговарале и на прашањето „Која партија сметате дека ќе победи на претстојните парламентарни избори“.
Дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победник одговориле 32 отсто, додека СДСМ – 10,4 отсто. По нив следува „Европскиот фронт“ за кој 6,3 отсто од испитаниците сметаат дека ќе бидат победници. На четврто место се коалицијата „Вреди“ со 5,4 отсто, за Левица се изјасниле 3,2 отсто, а 3,1 отсто рекле дека ЗНАМ ќе биде победник на претстојните парламентарни избори.
Едно од прашањата на кои одговарале испитаниците било и „Дали, според вас, на наредните избори треба да се промени актуелната власт или таа треба да остане“. За промена на власта се изјасниле 64,7 отсто од испитаниците што е зголемување во однос на март и февруари. На ова прашање со не знам/немам одговор се изјасниле 17,9 отсто од испитаниците, а речиси исто толку – 17,4 отсто рекле дека таа треба да остане и тука има намалување во однос на претходните два месеца.
Најголема предност ВМРО-ДПМНЕ би имала во изборните единици 3 и 4
Според симулацијата на бројот на мандати во парламентот, и во април ВМРО-ДПМНЕ најголема предност има во изборните единици 3 и 4.
Во изборната единица 3, ВМРО-ДПМНЕ би добила 12 пратенички мандати наспроти СДСМ со шест.
Во изборната единица 4, пак, ВМРО-ДПМНЕ, според симулацијата, би освоила 11-12 пратенички места, додека СДСМ би имале седум мандати.
Во овие две изборни единици, Левица и ЗНАМ би добиле по најмногу еден мандат, додека „Европскиот фронт“ на ДУИ и коалицијата „Вреди“ не би освоиле ниту еден пратенички мандат.
Во изборната единица 1, во која е најголемиот дел од скопскиот регион, ВМРО-ДПМНЕ би освоила 8-9 пратенички места, а СДСМ би имала 5.
Во втората изборна единица ВМРО-ДПМНЕ би имала осум, а СДСМ четири пратенички мандати.
Според анкетата на ИПИС, во „петката“ најмногу пратенички мандати – 9 би освоиле ВМРО-ДПМНЕ, наспроти пет до шест кои би биле за СДСМ.
„Шестката“ е изборната единица каде „Европскиот фронт“ на ДУИ и коалицијата „Вреди“ би ја воделе главната битка за пратенички мандати.
Симулацијата покажува дека овие две коалиции тука би освоиле по седум до осум пратенички мандати. Двојно помалку од нив, односно три до четири би имале ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ би добиле 1-2 пратенички мандати. Во оваа изборна единица, симулацијата покажува дека Левица и ЗНАМ не би освоиле ниту еден пратенички мандат.
ВМРО-ДПМНЕ би освоила 51-54, а СДСМ 28-30 пратенички мандати
Според симулацијата на пратенички мандати извршена врз основа на резултатите од анкетата на ИПИС, најмногубројна пратеничка група по изборите би имала ВМРО-ДПМНЕ со 51-54 пратеници. СДСМ би добиле 28-30 пратенички места. Демократската унија за интеграција (ДУИ) може да смета на 13-17 пратенички столчиња, а двоцифрена бројка на мандати би добила и коалицијата „Вреди“ и тоа 11-13. Левица би имале четири до седум мандати, а ЗНАМ на Максим Димитриевски би можело да се надеваат на четири до шест пратенички места.
Анкетата на ИПИС е спроведена телефонски во март и април на репрезентативен примерок од 6 081 испитаници.