Пожарот на планината Серта повторно се разгорува
Дванаесет активни пожари имало во текот на денот низ државата и од нив четири се ставени под контрола, а еден е целосно изгаснат, информира директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, според информациите од терен до 15 часот. Изгаснат е пожарот кај село Бадилен, општина Ново Село, на планината Огражден во близина на бугарската граница.
Но пожарот на планината Серта повторно се разгорува, во штипскиот дел на селото Драгоево, кој се придвижил кон селото Пухче.
„На пожарот работат 30 припадници на Армијата, кои им помагаат на припадниците на Територијалната противпожарна единица од Штип. На планината Серта активен е уште еден пожар на штипскиот крај кон полигонот Пенуш, којшто се наоѓа во близина на Брегалница, каде што има силно чадење, зафатен е голем фронт. Гори пред сѐ трева и нискостеблесто растение и грмушки, нема висококвалитетна шума“,
вели Ангелов.

Движејќи се од Неготино кон планината Серта тој информира дека се сретнал со екипата на ЈП „Национални шуми“ која учествува во гаснењето на пожарите. Екипата на претпријатието од подружницата од Демир Капија користи старо и речиси неупотребливо возило од 1986 година, забележува Ангелов, кој порача дека Владата треба што поскоро да најде решение за условите со кои се соочуваат во „Национални шуми“.

Инаку, активен пожар има и на територија на општина Градско кај селото Подлец, каде што во текот на денов дејствувале два „ер трактори“, рече Ангелов, а постои можност тие да имаат одредени ограничувања од контролата на летање поради влошување на временските услови во Скопје.
Гори и на територијата на Македонски Брод, кај селата Презница – Тажево. Пожарот се движи кон Јасен, соопштува Ангелов, и додава дека таму дејствувал романскиот „спартан“, а во моментов дејствува еден хрватски „канадер“, кој, исто така, може да биде стопиран од контролата на летање поради влошување на временските услови во Скопје. Таму дејствуваат 30 припадници на Армијата.
Другиот пожар е на територија на општина Долнени, кај селото Небрегово, каде што гори пред сѐ трева и нискостеблесто растение. Таму дејствува локалната Територијална противпожарна единица на Македонски Брод. На територијата на општина Чашка, кај селото Габровник – Мокрени, гори жбунесто растение, нискостеблесто растение, но и квалитетна мешана шума. Денеска таму дејствуваа еден полициски, еден армиски хеликоптер, а во овој момент дејствува еден голем полициски хеликоптер, кажаа од ЦУК.
Пожар има и на територијата на општина Чашка, кој исто така се движи кон селата Габровник – Мокрени, каде што гори исто така нискостеблесто растение и мешана шума во селото Богомила, за порационално користење на леталата е наместен базенот каде што хеликоптерите полнат вода за да можат да прават побрзи налети. Исто, на територијата на општина Чашка има уште еден сериозен пожар на планината Голешница којшто се движи кон селата Горно и Долно Јаболчиште.
„Во текот на денешниот ден ангажирани се 90 припадници на Армијата, 55 припадници на МВР, како и 40 припадници на Дирекцијата за заштита и спасување. Покрај нив ангажирани се и воздухоплови, за жал словенечките хеликоптери се повлекоа и веќе не се овде, а утре ќе замине и српскиот хеликоптер. Овде ќе остане само еден црногорски хеликоптер, како и романскиот ‘спартан’“,
вели Ангелов.