Заедничка осуда на радикаизмот и национализмот, како скандирање „УЧК“ и „Голема Албанија“ на неодамнешните протести, изразија првите луѓе на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов и Екрем Зендели со поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаху на средба што се одржа во Ријасетот, информираат од ЦУК.

Во соопштението се посочува дека тоа директно го дефокусира вниманието од целта на настанот, односно протестот и ја подгрева меѓуетничката нетрпериливост и омраза.

„Искажуваќи големо признание на Реисот за неговиот авторитет и позитивно влијание кај сите граѓани, Ангелов изрази задоволство од воспоставената директна комуникација и големото заедничко разбирање и настојувања за продуктивна и мирна иднина на државата што е во корелација и со целокупниот Државен врв, нагласуваќи неколку важни работи коишто, како и што се согласија тројцата соговорници, се во полза на сите граѓани и како активности не треба да сопрат: Продолжување на процесот на помирување меѓу дел од Македонците и дел од Албанците во Македонија, искоренување на меѓуетничкото насилство кај младите, за во секојдневието на улица, да не наседнуваат на меѓуетничките повици на омраза коишто се зло за сите граѓани во државата, работење постојано на процена на ризиците по безбедноста што се и дел од работата на ЦУК, во соработка со сите релевантни чинители во општеството и во Системот за управување со кризи“,
се вели во соопштението.
На средбата, се додава во соопштението, претседателот на ИВЗ го изрази своето задоволство од добрата соработка што ја имале со сите официјални претставници на државата, а сега и со Центарот за управување со кризи.
Тој посочи дека секој радикализам е штетен и за верата и за државата и дека треба со зеднички напори да се настојува за мир и соживот, а особено да се реализираат и активности во правец да не се дава легитимитет на радикални групации. Тој посочил дека: „Добриот човек е добар човек, без разлика на неговата вера и нација“.