„Најголемиот пожар, пожарот ‘монструм’ постепено го ставаме под контрола. Кракот кон Јасен е сѐ уште активен иако со помал обем. Таму на лице место дејствуваат 20 вработени во ‘Јасен’ помогнати од локални пожарникари со противпожарно возило од Македонски Брод“, информира директорот на ЦУК
На територијата на државава во моментов има седум активни пожари на отворено и шумски пожари, пет се ставени под контрола, а 31 се целосно изгаснати, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Како што рече Ангелов, најголемиот пожар кај Јасен постепено се става под контрола.
„Најголемиот пожар, пожарот ‘монструм’ постепено го ставаме под контрола. Кракот кон Јасен е сѐ уште активен иако со помал обем. Таму на лице место дејствуваат 20 вработени во ‘Јасен’ помогнати од локални пожарникари со противпожарно возило од Македонски Брод“,
информира Ангелов.
Вториот крак, како што дополни, односно кракот што се движеше кон викенд-населбата на езерото Козјак е целосно изгаснат и се гледа горење или чадење во внатрешноста на изгореното.
„Над самата викенд-населба е изработен противпожарен појас кој нема да дозволи приближување на пожарот во викенд-населбата доколку се реактивира“,
рече директорот на ЦУК, дополнувајќи дека третиот крак се шири кон село Белица, кон рибникот Белица, каде што се наоѓаат 20 припадници на македонската Армија со поддршка на локални пожарникари од Македонски Брод и нема опасност да се прошири.
Вториот пожар се одвива на територијата на Општина Охирд, конкретно на планината Галичица, кој, како што информира Ангелов, се префрлил од ресенска страна, каде што гори од врвот Магаро до Стење.
„Врз овој пожар дејствуваат 18 храбри доброволци на Црвениот крст, дел од планинската спасителска служба од Охрид, коишто со хеликоптер ги пренесовме до врвот Магаро од каде што постепено се спуштаат и дејствуваат врз овој пожар каде гори трева и нискостеблесто растение“,
рече тој и изрази уверување дека пожарот ќе биде сопрен и нема да ги загрози населбите во подножјето на планината.
Во врска со пожарот во Пелагонискиот Регион, во Општина Новаци, Ангелов пренесе дека се одлучиле денеска да дејствуваат со воздухоплови.
„Врз овој пожар денеска одлучивме да дејствуваме со воздухоплови, испратени се два хеликоптера, еден голем полициски и еден словенечки со ведро од по 2,5 тона. Гори ниска вегетација, трева, гори на тешко пристапен, карпест терен каде што дејството од земја е многу ограничено. Самиот пожар може да се развие во други насоки, линијата на огнот на некои места можеби е широка 10 километри“,
рече директорот на ЦУК.
Врз пожарите во Кичево, како што информира, веќе се дејствува со шест „ертрактори“, додека кај пожарот на територијата на Македонски Брод дејствуваат припадници на „Национални шуми“.