За утре се најавуваат врнежи од дожд, што според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, може да бидат од помош и да придонесат за гаснење и воспоставување целосна контрола над пожарите

Единаесет пожари се активни во текот на денешниот ден во повеќе делови од земјата, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
За утре се најавуваат врнежи од дожд, што според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, може да бидат од помош и да придонесат за гаснење и воспоставување целосна контрола над пожарите.
„Но, за секој случај подготвена е нова тура на странска помош, така што ако нема врнежи, а има потреба и ако пожарите се одвиваат во несакана насока и со несакана динамика, ние сме подготвени итно да донесеме помош од странство, пред сè во воздухоплови“,
вели Ангелов во неговата пладневна изјава за состојбата со пожарите.
Во текот на денешниот ден, како што вели тој, проблеми создаваат пожарите на планината Серта.
Еден пожар е на територијата на oпштина Штип, над селата Селце и Пухче, и на него во текот на денот дејствувале два хеликоптери и тоа еден полицикси и еден армиски, како и двата „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
На овој пожар, во кој гори мешана шума, дејствуваат припадници на Територијалната противпожарна единица, доброволци од ловното друштво од Штип, како и припадници на „Национални шуми“.
„Огнот полека се спушта кон селата, но околу нив има соодветни противпожарни пресеки, така што не постои никаква опасност за овие две села“,
вели Ангелов.
Другиот пожар, вели Ангелов, исто така е на планината Серта, но од северната страна во насока на реката Брегалница, кој утрово бил сопрен, но повторно се разгорел.
„На ова место се дејствуваше со двата ‘ертрактори’ на ДЗС, имаше 50 припадници на Армијата, како и припадници на локалната Територијалната противпожарна единица од Штип. Гори ниска вегетација, грмушки, трева, трње, ниски смреки и делумно на некои места неквалитетна шума“,
додава Ангелов.
Пожар, што според него е исклучително сериозен и каде гори делумно и борова шума, е оној на територијата на Македонски Брод, кај селата Брезница и Тажево, каде што денеска дејствувале два полициски хеликоптери, а распоредени покрај локалните пожарникари се и 40 припадници на Армијата и неколку припадници на „Национални шуми“.
На територијата на Македонски Брод, локалните пожарникари и 10 припадници на Армијата го гаснат пожарот во атарот на селото Дивеч, каде што гори мешана шума.
Во општина Чашка, Ангелов вели дека се активни два пожари и тоа во атарот на селата Габровник и Мокрени, како и на местото викано Мукос. На првиот од овие пожари дејствувале локални пожарникари, 10 припадници на „Национални шуми“, а во гаснењето на вториот бил вклучен и еден армиски хелокоптер.
Два пожари, додава директорот на ЦУК, активни се на територијата на општина Долнени, и тоа еден кај селото Небрегово, каде што горат нискостеблести растенија, а другиот е во атарот на селото Гостиражани, кој е префрлен од селото Богомила.
„Се гаснат од страна на локални пожарникари, а на вториот со механизација се прават противпожарни препреки. Тука гори мешана шума и ниска вегетација“,
додава Ангелов.
Други два активни пожари се на територијата на општина Прилеп, каде што гори покрај магистралниот пат Битола – Прилеп, но и на територијата на општина Пласница.
Попладнево, додава Ангелов, избил пожар на територијата на општина Старо Нагоричане, во атарот на селата Алгуња и Челопек, каде што гори ниска вегетација и каде бил употребен и еден полициски хеликоптер.
Во попладневната изјава Ангелов вели дека под контрола е ставен пожар на територијата на општина Пробиштип, а изгаснати се во општина Чашка, во Кавадарци кај селото Фариш, во Македонски Брод кај селото Брезница и во Неготино кај селото Калањево кој е изгаснат, но постои опасност од појавување на нови жешки точки.