Германската канцеларка Ангела Меркел деветта година по ред е на првото место на листата 100 најмоќни жени во светот според магазинот „Форбс“, а веќе 14 години се наоѓа меѓу 100-те најмоќни.
На листата годинава се најде и српската премиерка Ана Брнабиќ. Таа ја зазеде 88. позиција. „Форбс“ ја опишува Брнабиќ како „прва жена премиер и прв деклариран хомосексуалец на таа позиција во конзервативната Србија“.
На второ место на листата е претседателката на Европската централна банка и поранешна шефица на ММФ, Кристин Лагард. На 3. место е лидерката на Демократите во Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Ненси Пелоси. На четврто место е новата престедателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, додека извршната директорка на „Џенерал моторс“, Мери Бара, е на петтото место.
На шесто место е Мелинда Гејтс, сопруга на Бил Гејтс и претседател на најголемата хуманитарна организација во светот „Бил и Мелинда Гејтс“. Од другите познати имиња, на листата се Сузан Војчички (12.), извршна директорка на Јутјуб, Шерил Сендберг (18.), главен оперативен директор во Фејсбук, Опра Винфри (20.), пејачките Ријана, Бијонсе и Тејлор Свифт се на 61., 66. и 71. место, како и ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, Иванка Трамп, која е на 42. место, едно место подолу од кралицата Елизабета II.
На последно место на листата на „Форбс“ се најде младата шведска активистка против климатските промени, Грета Тунберг, која магазинот „Тајм“ ја прогласи за личност на годината.
Најмногу жени на листата се од Северна Америка – 50 жени. Од азиско-пацифичкиот регион има 21 жена, додека од Европа – 18 жени, од Јужна Америка две и една од Африка.