„Божиновска и нејзиното семејство, заедно со уште 150 илјади граѓани на РСМ се стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско етничко потекло и изјавиле дека се чувствуваат како Бугари. Покрај неа, има и десетици други поранешни и актуелни премиери, министри и заменици што самите или заедно со семејствата се во иста ситуација на најголемиот прекршок – да се Бугари“, напиша бугарскиот еевропратеник
Министерката за енергетика на Северна Македонија Сања Божиновска изминатиот период е изложена на тежок јавен линч, бидејќи е Бугарка. Ова на неговиот фејсбук-профил го напиша бугарскиот европратеник од редовите на партијата ГЕРБ, повикувајќи ги бугарските власти и институции да ги заштитат правата и честа на министерката Божиновска, на нејзниното семејство, но и на сите граѓани на РСМ што го признале своето бугарско потекло и се изјасните како Бугари.

„Божиновска и нејзиното семејство, заедно со уште 150 илјади граѓани на РСМ се стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско етничко потекло и изјавиле дека се чувствуваат како Бугари. Покрај неа, има и десетици други поранешни и актуелни премиери, министри и заменици што самите или заедно со семејствата се во иста ситуација на најголемиот прекршок – да се Бугари“,
вели Ковачев.
Според него, очигледно е дека за да ги задржат функциите тие се приморани да ја кријат својата бугарска самосвест и потекло, а често таквите дури и ја клеветат Бугарија, само да не бидат осомничени дека се Бугари.
„Без да ги оправдам, донекаде и ги разбирам. Тие се обидуваат да преживеат по секоја цена. Иако се формално на високи позиции, тие како и други десетици илјади Бугари таму се жртви на антибугарска пропаганда и омраза, останати од времето на комунизмот и Титова Југославија, кои денес станаа главна државна идеологија и политика“,
пишува бугарскиот европратеник.
Ги повика пратениците на идното Народно Собрание на Република Бугарија што поскоро да ги усвојат неопходните измени на Законот за бугарско државјанство, со што ќе се направи регистер на имиња на сите оние што се стекнале со бугарско државјанство, но и да се олесни стекнувањето на државјанството на оние наши сонародници што отворено го декларираат своето бугарско потекло и бугарскиот етнички идентитет.
Така, според него, тие повеќе нема да имаат од што да се кријат, а на оние што ја клеветат Бугарија, ќе им се види вистинското лице.
„360 степени“ во јуни годинава објави дека Божиновска поседува бугарско државјанство и дека со бугарски пасош ја раководела компанијата „Руднап“ во Хрватска. А, за да се добие бугарско државјанство, барателот треба да се декларира дека се чувствува како Бугарин пред тамошните власти и да ги наведе своите бугарски корени.
На нашето прашање, дали поседувала или дали во моментот поседува бугарско државјанство и зошто не го декларирала во биографијата приложена кон предлогот за состав на новата влада, Божиновска во јуни негираше дека поседува бугарско државјанство.
„360 степени“ направи дополнителни проверки кои покажаа дека Сања Божиновска побарала отпуст од бугарското државјанство во втората половина на минатата година и дека процедурата сè уште не е завршена. Логично, тоа би значело дека Божиновска сè уште е државјанка на Република Бугарија.
Минатата недела, новинар на „360 степени“ на прес-конференција одржана од министерката по повод 100 дена од мандатот на Владата, ја праша дали сè уште поседува бугарско државјанство. Таа повторно негираше.
„Јас поседувам македонско и чешко државјанство. Имам и македонски пасош и чешки пасош“,
рече таа.
Со оглед дека повторно децидно не одговори, ја прашавме дали може да стави на увид на јавноста документ од бугарските власти со кој се потврдува дека е прифатено нејзиното барање за отпуст, односно дека веќе не е бугарска државјанка.
„Ќе проверам со адвокатите и ќе ве известам“,
рече таа.
