Според министерот, проблеми биле пријавени во приватниот сектор, но, како што вели, најверојатно се работи за изолирани случаи и проблемот веќе се надминува
Не се пријавени проблеми со компјутерските системи на државните институции, информира министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски откако денеска бројни компании ширум светот пријавија прекини на ИТ-мрежите и беа соочени со технички проблеми.

„Досега не се пријавени падови на системите во државните институции. Има некоја информација за приватниот сектор, но мислам дека тоа се изолирани случаи и веќе се надминува. Дополнителни информации може да имаме во текот на утрешниот ден, но како што ја гледам ситуацијата во моментот, се работи за изолиран инцидент во ‘Мајкрософт’ и со него поврзани системи, така што не очекувам да има повеќе проблеми во државните институции“,
изјави денеска министерот Андоновски.
Според министерот, добро во ситуацијата е тоа што, според информацијата што ја добиле, не станува збор за кибернапад туку за несоодветност на ресурсите на ‘Мајкрософт’, што предизвикало пад на системот.
Андоновски истакна дека со меѓународните партнери веќе е во процес изработка на стратегија за кибербезбедност, закон за киберзаштита и патоказ во случај на инциденти кои може да се појават.
„Видите, овој свет е под напад, постојано се развива и постојано трпи напади, но кога имате јасен одговор од страната на државите, проблемите со кои ќе се соочите и последиците со кои ќе се соочите, се секогаш помали, но многу е важно да имаме системски пристап и стратешки да се позиционираме за да се заштитиме“,
истакна Андоновски.
Претходно во текот на денот, водечки авиокомпании, банки, телекомуникациски компании и медиуми ширум светот пријавија проблеми и прекини во ИТ-мрежите.
Причината за прекините на глобалниот систем засега е нејасна, но многу од засегнатите ја поврзаа со оперативните системи на „Мајкрософт“. Од компанијата подоцна соопштија дека преземаат мерки за ублажување на проблемите кои предизвикаа технички проблеми и прекини во функционирањето на компаниите ширум светот.