Процесот, како што рече, ќе се одвива преку потпишување посебен договор со ЕУ за секоја земја кандидат поединечно, слично на Договорот за стабилизација и асоцијација

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски очекува дека на Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи наредниот месец во Подгорица, земјава ќе добие добри вести за воведување на моделот „роаминг како дома“.
Андоновски очекува Македонија да биде меѓу првите држави на која ќе ѝ биде овозможен роаминг без дополнителни трошоци во ЕУ.
Смета дека земјава ќе биде меѓу првите држави со кои Европската Унија ќе потпише договор.
„Има најава за почеток на преговорите, што е позитивен сигнал“,
вели Андоновски.
Процесот, како што рече, ќе се одвива преку потпишување посебен договор со ЕУ за секоја земја кандидат поединечно, слично на Договорот за стабилизација и асоцијација.
Тој смета дека позитивно е тоа што во земјава е донесен Законот за електронски комуникации, со кој македонското законодавство е усогласено со европските стандарди.
„Ние ги исполнуваме условите и со тоа сме, да речеме, во групата која прва ќе почне преговори“,
изјави денеска Андоновски кој присуствуваше на Третата регионална конференција на сметководителите и овластените сметководители.
Инаку, Европската комисија на 25 февруари годинава објави дека ќе побара одобрение од Европскиот совет за отворање преговори со земји од Западен Балкан за укинување на роамингот за оние што патуваат во државите членки на ЕУ. Ова би се однесувало на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.
Сега Советот на ЕУ треба да ѝ даде на Комисијата овластување да отвори преговори со партнерите од Западен Балкан. Откако ќе добие овластување, Комисијата ќе преговара за билатерални договори со секоја од шесте земји.
