Внимателно го следиме процесот, Министерството не е истражен орган, но ќе се заложиме за тоа никој да не биде обвинуван во државата без да има соодветни докази и да не бидеме вмешани во внатреполитички битки на еден авторитарен режим во Венецуела, рече министерот за дигитална трансформација
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека Министерството внимателно го следи процесот и иако не е истражен орган ќе се заложи за никој да не биде обвинуван во државата без притоа да се има соодветни докази откако главниот обвинител на Венецуела вчера обвини дека македонски хакери извршиле кибернапад на системот за пренос на податоци на изборите во земјата.

Андоновски вели дека обвинувањата доаѓаат од социјалистички режим кој со години лиферува информации кои често се непоткрепени со докази и обвинува засегнати страни и држави кои немаат одговорност во таквите случаи.
„Се надевам дека освен коментарите што излегоа во јавноста, ги забележавме и со внимание ги следиме, од државата, од властите во таа држава ќе има и соодветни докази за наводно вмешување на некои наши граѓани или институции од државата“,
рече Андоновски.
Дополнително, тој вели дека не би сакал Македонија да биде вмешана во внатреполитички битки на авторитарниот режим кој во Венецуела постои со години и во неговите односи со опозицијата.
Синоќа државниот обвинител на Венецуела, Тарек Саб, информираше дека од ИП-адреси во С Македонија е извршен кибернапад врз електронскиот систем кој го забавил пребројувањето на гласовите на претседателските избори. Истата информација ја сподели и актуелниот претседател Николас Мадуро кој изјави дека пребројувањето на гласовите и објавувањето на резултатите доцни поради кибернапад и додаде дека тамошните власти знаат од каде е дојден бидејќи хакерите оставиле трага.
Токму спорните изборни резултати беа причина за големи протести во главниот град на Венецуела, Каракас, во кои едно лице го загуби животот, а повеќемина беа уапсени.
Изборната комисија на Венецуела по шест часа од изборите ги објави прелиминарните резултатите врз основа на обработени 80 отсто избирачки места. Според нив, актуелниот венецуелски претседател Николас Мадуро освоил 51,2 отсто од гласовите и победил на претседателските избори, со што обезбедил трет мандат, а неговиот противкандидат, опозицискиот претставник Едмундо Гонзалес Урутија, има добиено 44,2 отсто од гласовите.
Опозицијата најави дека ќе ги оспори резултатите бидејќи ниту една од предизборните, ниту од излезните анкети давала шанса Мадуро да ја задржи позицијата, туку податоците укажувале на убедлив триумф на нивниот кандидат Едмундо Гонзалес Урутија.
Европската Унија ги повика властите во Венецуела да обезбедат целосна и навремена истрага за сите постизборни жалби и поплаки. Веродостојните извештаи од домашни и меѓународни набљудувачи укажуваат дека изборите биле нарушени со многубројни пропусти и нерегуларности, посочува високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел во реакција за случувањата во Венецуела по изборите. Во реакцијата Борел потенцира дека мора да се почитува волјата на народот.
„ЕУ ја поздравува решителноста на народот на Венецуела мирно и во голем број да ги оствари своите избирачки права. ЕУ ја признава посветеноста на опозицијата на изборниот процес и покрај нерамномерните услови за игра. Резултатите од изборите не се верификувани и не можат да се смета дека се одраз на волјата на народот на Венецуела додека не се објават и проверат сите официјални записници од избирачките места,“
потенцира Борел.