ЕУ изразува загриженост и поради произволните притворања и заплашувања на припадници на опозицијата и на граѓанското општество во текот на изборниот процес и повикува на итно ослободување на сите политички затвореници
Европската Унија ги повикува властите во Венецуела да обезбедат целосна и навремена истрага за сите постизборни жалби и поплаки. Веродостојните извештаи од домашни и меѓународни набљудувачи укажуваат дека изборите биле нарушени со многубројни пропусти и нерегуларности, посочува високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел во реакција за случувањата во Венецуела по изборите. Во реакцијата Борел потенцира дека мора да се почитува волјата на народот.
„ЕУ ја поздравува решителноста на народот на Венецуела мирно и во голем број да ги оствари своите избирачки права. ЕУ ја признава посветеноста на опозицијата на изборниот процес и покрај нерамномерните услови за игра. Резултатите од изборите не се верификувани и не можат да се смета дека се одраз на волјата на народот на Венецуела додека не се објават и проверат сите официјални записници од избирачките места,“
потенцира Борел.
ЕУ го повикува Изборниот совет на Венецуела максимално транспарентно да го спроведе процесот на сумирање на резултатите, вклучително и да овозможи непосреден пристап до евиденцијата за гласање на секое избирачко место и да ги објави изборните резултати за секое од нив посебно.
„ЕУ жали што ниту една од клучните препораки од набљудувачката мисија на ЕУ за изборите во 2021 година не е спроведена. Пречките за учество на опозициските кандидати, недостатоците во избирачкиот список и нерамномерниот пристап до медиумите придонесоа за нееднакви изборни услови,“
вели Борел.
ЕУ изразува загриженост и поради произволните притворања и заплашувања на припадници на опозицијата и на граѓанското општество во текот на изборниот процес и повикува на итно ослободување на сите политички затвореници. ЕУ, како што се наведува во рекреацијата, ќе продолжи со сите политички и дипломатски напори за поддршка на дијалогот со цел да се постигне излез од политичката криза на мирен начин и преку преговори.
Сериозна загриженост во врска со резултатите објавени од изборната комисија на Венецуела изразија и САД. Како што посочи државниот секретар Ентони Блинкен, резултатите не се одраз на волјата на народот и дополни дека меѓународната заедница внимателно ја следи ситуацијата и соодветно ќе одговори.
На изборите одржани во неделата претседателот Николас Мадуро прогласи победа. Опозицијата обвини за „широко распространета измама со пребројувањето на гласовите“ и вети дека ќе ги оспори резултатите. А во главниот град Каракас доцна синоќа голем број граѓани излегоа на улиците оспорувајќи го изборниот резултат со кој венецуелскиот претседател Мадуро доби нов, трет мандат.
Националната изборна комисија на Венецуела објави дека претседателот Николас Мадуро освоил трет мандат со 51% од гласовите, а оправдувањето за отсуството на податоци тие го лоцираа во Северна Македонија.
Државниот обвинител на Венецуела, Тарек Саб, информира дека од ИП-адреси во Македонија е извршен кибернапад врз електронскиот систем кој го забавил пребројувањето на гласовите на претседателските избори.