Премиерот не сподели повеќе детали од вчерашната владина седница на која АНБ реферираше за случајот со Онишченко. Тој не одговори на прашање кој е лажниот документ што го доставил Украинецот со објаснување дека не смее да изнесува детали од затворена седница
Премиерот Димитар Ковачевски најави дека за 20 дена, Агенцијата за национална безбедност (АНБ) ќе добие нов директор на местото на досегашниот Виктор Димовски, кој треба да биде амбасадор на земјава во Париз.
Во одговор на прашањето дали Димовски ќе понесе некаква одговорност во врска со државјанството на Олександр Онишченко, премиерот не сподели детали бидејќи, како што рече, вчерашната седница на Владата била затворена и не може да се споделуваат детали.
Она што е познато од седницата е дека е иницирана постапка за поништување на државјанството.
„Дополнителни информации од затворена седница на влада не може да се споделуваат бидејќи тоа е строго и тешко казниво дело со казна затвор од една до пет години. Се она што ќе треба да биде споделено во делот на истрагата во АНБ и тоа што ќе следи согласно со процедурите и законите што се однесуваат на АНБ. Во однос на раководењето со АНБ за 20 дена ќе има нов директор на АНБ“,
рече Ковачевски.
На дополнително прашање кој е лажниот документ што го доставил Онишченко за добивање државјанство, премиерот не одговори бидејќи, повтори, не смее да изнесува детали од затворена седница.
„Она што е разговарано на затворена седница не може да се споделува“,
рече Ковачевски.
Онишченко, пак, во изјава за „Слободен печат“ денеска рече дека е изненаден од вчерашната најава дека ќе му се поништи државјанството.
„Имам само валидни документи, не можам да имам невалидни, јас сум официјално лице“,
вели тој.