Во одговор за „Слободен печат“ за тоа какви лажни исправи или невистинити податоци им дал на македонските институции во процесот на добивањето на државјанството, Онишченко вели дека во неговото државјанство нема ниту грам измама
Владата ја започна постапката за одземање на државјанство на Онишченко, по одржаната затворена владина седница на која директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, информираше за случајот
Имам само валидни документи, не можам да имам невалидни, јас сум официјално лице, вели Украинецот Олександр Онишченко за „Слободен печат“ коментирајќи ја вчерашната одлука на Владата оти ќе започне постапка за поништување на неговото државјанство согласно членот 14 од Законот за државјанство.
Овој член од Законот предвидува поништување на македонското државјанство по врачувањето, ако се утврди оти странецот при поднесување на барањето за прием на државјанство со природување дал невистинити или неточни податоци, односно се користел со лажни исправи.
Во одговор за „Слободен печат“ за тоа какви лажни исправи или невистинити податоци им дал на македонските институции во процесот на добивањето на државјанството, Онишченко вели дека во неговото државјанство нема ниту грам измама.
„Во моето државјанство нема измама, ниту еден грам. Не знам што да кажам. Побараа од мене да ја претставувам Македонија и да помогнам во подготовката за Олимписките игри. Ако не сакаат, јас ќе го направам тоа на мој начин. Федерацијата побара од мене, Лука Заложник ме прашуваше секој ден. Ги дадов сите официјални документи при апликацијата. Мојот руски пасош и изводот од матичната книга на родените. Имам и руски и украински пасош. Кога аплицирав за македонско државјанство, аплицирав со рускиот пасош. Се натпреварував за Русија претходно. Имам само валидни документи, не можам да имам невалидни, јас сум официјално лице“,
вели Онишченко.
Владата ја почна постапката за одземање на државјанство на Онишченко, по одржаната затворена владина седница на која директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, информираше за случајот.