Ние континуирано гледаме истражувања кои ни покажуваат дека младите се декларираат како социјално исклучени граѓани, дека се апатични, резигнирани и немаат доверба ниту во институциите. Нашиот образовен систем мора да ги подготви да бидат активни, одговорни, ангажирани граѓани, кои се информирани и можат да се борат за своите права во општеството, кажа Дона Костуранова од Фондацијата за демократија на Вестминстер
Кај помладите генерации може да забележите и поавторитарни и помалку демократски ставови за многу прашања во однос на средната и постарата генерација, што многу загрижува и укажува дека она што е досега воведено како политичко образование или содржини, едноставно не е доволно, вели професорот Ненад Марковиќ

Темите од областа на политичкото образование во земјава се дисперзирани во повеќе предмети како граѓанско образование, социологија и вовед во право. Повеќето содржини се ограничени во основно, додека во средно, тие се изучуваат „раштркано“ низ предметите, токму кога младите набрзо стануваат полнолетни граѓани.
Ова се дел од наодите на анализата за политичкото образование во земјава направена од Фондацијата за демократија на Вестминстер и Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО).
„Ние континуирано гледаме истражувања кои ни покажуваат дека младите се декларираат како социјално исклучени граѓани, дека се апатични, резигнирани и немаат доверба ниту во институциите. Нашиот образовен систем мора да ги подготви да бидат активни, одговорни, ангажирани граѓани, коишто се информирани и можат да се борат за своите права во општеството. Во време кога има различни закани, вклучително и автократски тенденции, пораст на популизмот, кадешто имаме продор на мисинформации во општествата, кадешто имаме на некој начин сузбивање на можностите за учество, потребно е кај младите да изградиме компетенции да бидат демократски ангажирани“,
кажа во изјава за медиумите Дона Костуранова, директорка на Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Од друга страна, кај младите во државава постои сериозен авторитарен полнеж, особено кога се работи за вредности кои тангираат етнички/национални теми или демократско управување со државата – дополнителен индикатор кој ја укажува потребата од политичко образование.
Според истражувањата на Вестминстер, дури 57% од младите не се воопшто заинтересирани и не ги следат политичките настани.
Професорот Ненад Марковиќ, кој е еден од авторите на анализата, предупредува дека кај помладите генерации може да забележат и поавторитарни ставови во однос на повозрасните генерации.
„Нема некој голем пробив во последните 10-20 години колку што ги следиме овие податоци за демократичноста, дури кај помладите генерации може да забележите и поавторитарни и помалку демократски ставови во однос на многу прашања во однос на средната и постарата генерација, што многу загрижува и укажува дека она што е досега воведено како политичко образование или содржини едноставно не е доволно“,
вели Марковиќ.
Тој посочува дека ова е основна студија од која понатаму треба да произлезат нови инцијативи за евентуално воведување предмет политичко образование или содржини од областа на политичкото образование.
„Наша желба е да продолжи и да се воведе ваков предмет, а како тоа би се направило е прашање за техника“,
рече Марковиќ, но посочи дека не треба да се брза со ниту една реформа.

На експертската дебата за промоција на анализата учествуваше и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, кој кажа дека во тек е најкрупната реформа на основното образование што досега се случила кај нас. Вели дека се воведуваат повеќе изборни предмети согласно интересите и афинитетите на учениците.
„Целата реформа е проектирана за да ги насочува младите повеќе да учат за демократијата, за мултикултурализмот, ги учи да бидат толерантни и по мирен пат да решаваат конфликти, како и да ги почитуваат различностите. Согласни сме со Бирото за развој на образование дека е потребно унапредување на политичкото образование и негово воведување во погорните одделенија и средните училишта што очекуваме да биде воведено во учебната 2024/2025“,
кажа министерот Шаќири.
Препораките во анализата се фокусирани на следење на образовните состојби и развојот на вештини кај учениците со цел надградување на образовните содржини и давање поддршка на останати пристапи кои директно влијаат на политичката писменост, како ученичко и младинско организирање и медиумска писменост.
