Денеска ООН треба да ја обнови својата заклетва дека ќе одговори на каква било агресија од Северна Кореја и да прифати заедничка изјава за единствен одговор во случај на „испад“ на Корејскиот Полуостров, рече министерот за одбрана на Јужна Кореја
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин денеска изјави дека земјите членки на ОН кои го спроведуваат корејското примирје се загрижени поради тоа што Кина и Русија ѝ помагаат на Северна Кореја да ги зголеми своите воени капацитети овозможувајќи му на Пјонгјанг да ги избегне санкциите на ОН. Остин разговараше со министрите за одбрана на 17-те земји кои ја сочинуваат Командата на ОН (UN Command – УНЦ), огранокот што го надгледува прекинот на огнот, на состанокот во Јужна Кореја.
„Длабоко сме загрижени дека НР Кина и Русија ѝ помагаат на Северна Кореја да ги зголеми своите капацитети овозможувајќи ѝ да ги избегне санкциите на Советот за безбедност на ОН. Загрижени сме и поради неодамнешното зголемување на воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја“,
рече Остин.
Вашингтон ја обвини Северна Кореја дека ѝ испорачува на Русија воена опрема за војната со Украина, а Москва ѝ дава техничка воена поддршка на Северна Кореја.
Кина: Се придржуваме до меѓународните обврски
Северна Кореја и Русија негираа дека разменуваат оружје, но лидерите на тие земји се обврзаа на поблиска воена соработка на состанокот во септември на истокот на Русија. Кина, најблискиот сојузник на Северна Кореја, рече дека се придржува до меѓународните обврски.
Денеска ООН треба да ја обнови својата заклетва дека ќе одговори на каква било агресија од Северна Кореја и да прифати заедничка изјава за единствен одговор во случај на „испад“ на Корејскиот Полуостров, рече министерот за одбрана на Јужна Кореја.
Министерот за одбрана Шин Вон-сик рече дека Пјонгјанг е предупреден да не презема никакви агресивни потези посочувајќи дека за разлика од 1950 година, кога изби Корејската војна, Северна Кореја сега е членка на Обединетите нации.
„Ако Северна Кореја некогаш повторно го нападне Југот, тоа ќе биде контрадикторно бидејќи тоа би значело дека членка на ОН ја нападнала командата на ОН. Ако земјите кои ја поддржуваа Северна Кореја за време на Корејската војна повторно се обидат да помогнат, тие земји заедно со Северна Кореја ќе бидат казнети од меѓународната заедница“,
рече Шин на состанокот.
Северна Кореја: УНЦ е алатка на Америка за конфликт
Кина и Советскиот Сојуз ја поддржаа Северна Кореја во нејзината борба против земјите членки на ОН предводени од САД. Кина и Северна Кореја се страни во примирјето со УНЦ. 17-те земји-членки на УНЦ, вклучувајќи ги САД, Обединетото Кралство, Австралија и Турција, испратија војници и медицинска помош за време на Корејската војна од 1950 до 1953 година.
УНЦ, основана во 1950 година, имаше задача да го врати мирот и да спроведе прекин на огнот и да биде канал за комуникација со Северна Кореја. На чело е американски воен командант со седиште во Јужна Кореја. Вчера Северна Кореја го нарече УНЦ „американска алатка за конфликт“ која нема никаква врска со ОН и „нелегална воена организација“ која треба да се распушти доколку се сака да се спречи нова војна на Корејскиот полуостров.
Во понеделникот Остин и Шин се согласија да го ревидираат билатералниот безбедносен договор кој има за цел да се спротивстави на севернокорејските нуклеарни и ракетни закани. Министрите за одбрана, исто така, се согласија да ги засилат заедничките вежби и да работат со Јапонија за да се спротивстават и подобро да се подготват за секој севернокорејски напад.