Ви пренесеме дел од интервјуто на американскиот амбасадор во Грција, Џефри Пает, за најгледаната грчка телевизија „Скај“ во кое одговара на прашања за спорото за името, но и за руското влијание во регионот и во Грција. Американскиот дипломат во интервјуто индиректно објаснува зошто е важно решавање на прашањето за името.
– Нашата политика е да го поддржуваме Метју Нимиц и напорите на Обединетите нации. Најдобриот начин на кој можам да го направам тоа во овој момент е ако не кажам ништо повеќе. Така, нема да правам никакви прогнози, нема да се обидам да ги анализирам владините позиции. Но, оптимист сум. Ние, САД, ќе направиме се што можеме да ги поддржиме напорите на Нимиц во престојните денови и недели – рече Пает. Тој не сакаше да дава дополнителни коментари во однос на анализите дека ова е вистински момент за решение на спорот, за да не влијае врз процесот.
Тој зборуваше и за руското влијание на Балканот.
– Кога премиерот Ципрас ни беше гостин во Вашингтон во октомври имаше одличен разговор со потпретседателот Мајк Пенс, кој беше значително фокусиран токму на ова прашање. Нашиот поглед на Грција е како на темел на стабилноста во еден многу комплициран регион. Но, мислам дека еден од најкомплицираните аспекти на грчките добрососедски односи се однесува на Западниот Балкан. Ова е област каде грчките и американските погледи значително се совпаѓаат. Двете наши влади веруваат дека е потребно земјите од Западен Балкан да продолжат да напредуваат кон евроатланските институции. Обете влади веруваат дека сите земји треба да станат членки на ЕУ и дека сите овие земји, ако така изберат, треба да станат членки на НАТО. Една од причините за тој интерес, како што алудирате, е загриженоста за надворешни влијанија. Сведоци сме на малигно руско влијание во една особено ужасна форма како минатата година во октомври кога имаше обид за пуч во Црна Гора, во кој беа видливи бројни руски траги. Но, ова може да се види низ целиот поширок регион – рече Пает.
– Расте амбицијата на Кремљ да предизвика збунетост во ориентацијата на овие земји и процесот на континуирани реформи и евро-атланско усогласување, кое го одбраа граѓаните на овие земји. Ние ја гледаме Грција како многу моќно позитивно влијание во соседството и, како што кажав, како што кажа и потпретседателот Пенс, ја гледаме Грција како темел на стабилноста во комплициран регион. Тоа се однесува на Западниот Балкан, се однесува на Источниот Медитеран и се однесува на регионот на МАГРЕБ и на Северна Африка. За мене тоа е најинтересната работа на која денес работиме во грчко-американските односи, за начинот на кој оваа земја повторно ја воспоставува својата улога како геополитичка спојка меѓу Европа и поширокото окружување, правејќи го тоа како моќен член на НАТО – сојузник на САД – рече Пает.
Напишете коментар