Наспроти насловите „Американците тврдат – Заев и СДСМ убедливо ги губат изборите…“ се информациите дека зад анкетата што ја објави американскиот истражувач на јавното мислење Џон Меклафлин, всушност, стои компанијата Danube Bussines Consulting во сопственост на Арпад Хабони, главниот „спин-доктор“ на Виктор Орбан
Со оглед на тоа што целата анкета не може да се најде на ниедна официјална интернет-страница, остана нејасно каква методологија и на каков примерок е примената за истражувањето што, пак, е податок кој според Изборниот законик задолжително се наведува при објавување анкети во предизборие
На 5 јули 2020 година на некои интернет-портали беа објавени вести за истражување на јавното мислење во пресрет на парламентарните избори закажани за 15 јули.
Резултатите од анкетата беа првично објавени на твитер-профилот на Џон Меклафлин, во три последователни твита: резултати за ИЕ 1, резултати за ИЕ 2, ИЕ 3 и ИЕ 4 и резултати за ИЕ 5 и ИЕ 6.
Од слајдовите кои беа презентирани на еден од интернет-порталите може да се види дека истражувања на јавното мислење се правени и во 2019 година, па оттаму не е јасно зошто не се мерени и перцепциите за Беса.
Во македонскиот информациски простор оваа анкета беше претставена и преку следниве наслови:
АНКЕТА НА АМЕРИКАНСКА АГЕНЦИЈА: Заев и СДСМ губат од ВМРО-ДПМНЕ и во Муртино
АНКЕТА: Американците тврдат – ЗАЕВ И СДСМ УБЕДЛИВО ГИ ГУБАТ ИЗБОРИТЕ, бројки за секој кандидат
Од насловите може да се види обид да се имплицира дека „Американците ја поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ“. Не е првпат да се промовира овој наратив. Слични обиди се забележани и во минатото, како во примерите подолу:
Иако во насловите и во текстовите на повеќето интернет-портали доминираше тезата дека зад анкетата стои „американската престижна агенција која работи за Трамп“, неколку интернет-портали објавија дека McLaughlin and Associates не е единствената агенција што работела на ова истражување. Имено, „Вечер“ и „Опсервер“ напишаа дека оваа анкета е спроведена од DBC Danube Bussines Consulting (Mc Laughlin), компанија во унгарска сопственост.
За разлика од нив, порталите кои се во унгарска сопственост, а објавија за анкетата, никаде не ја споменаа унгарската фирма. Дополнително, не ја објавија целата анкета, туку само одредени делови. За волја на вистината, целото истражување не може да се најде на ниту една официјална интернет-страница.
А, начинот на објавување на истражувањата на јавното мислење во текот на изборниот процес е регулирано со член 77 од Изборниот законик.
(Не)јасна методологија
Иако применетата методологија е еден од податоците што мора да се објави при објавување анкета во изборна кампања, ретки беа порталите што објавија слајд кој се однесува на методологијата. Но, од него не може со точност да се утврди како навистина е правено истражувањето – телефонски или „лице в лице“, ниту на колкав и каков примерок.
Една од дилемите што притоа се наметнува е дали, всушност, се прашани 2 183 испитаници, па резултатите потоа се „пондерирани“ како да се прашани 5 901 испитаник. Дополнителна нејаснотија внесува и следното несовпаѓање: ако се соберат „испитаниците“ по изборни единици наведени во трите твитер-објавите на Џон Меклафлин по изборни единици (1005 + 991 + 967 + 975 + 1008 + 1019) се стигнува до збир од 5965 испитаници, за разлика од бројката од 5901, наведена во слајдот за „методологијата“.
Порталот expres.mk, кој е меѓу ретките што објави дека зад анкетата стои и компанија во сопственост на Унгарци, направи обид да даде објаснување за тоа како и кога е спроведено истражувањето. Сами проценете дали овој обид да се појасни методологијата оди во прилог на поголема кредибилност на истражувањето.
Кој е Џон Меклафлин?
Џон Меклафлин е политички консултант, истражувач на јавното мислење (pollster), партнер и директор на компанијата McLaughlin & Assocciates, регистрирана во Њујорк, САД. Во последните 25 години, од протеже на култниот Артур Финкелштајн, Џон Маклафлин станува еден од најпознатите политички консултанти и истражувачи на јавното мислење на конзервативни и десничарски кандидати и влади. Во портфолиото на Џон Меклафлин е соработката со Стив Форбс, Арнолд Шварценегер, Бенјамин Нетанјаху и други. Тоа што е важно да се напомене е дека во 2018 година соработува со Фидес и Виктор Орбан, помагајќи му да победи убедливо на изборите. Како и неговиот ментор Финкелштајн, за кого работел повеќе од 10 години, Меклафлин се специјализира во водење црна и негативна кампања за политичките опоненти на изборите. По смртта на Финкелштајн, Меклафлин ќе изјави: „Тој беше добар шеф и одличен ментор. Ме научи како да ги читам анкетите и како да ги менувам (изборните трки) за да излезат така како што сакаме ние“.
Отворање на вратата во Европа
Во интервју за РТЛ во ноември 2018, Стив Бенон, основачот и промотор на алтернативно-десничарската (Alt-Right) фондација „Движење“ (The Movement), изјави дека Унгарија е земја која би му одговарала како дестинација. Овој негов план исто така е прифатен и од страна на Виктор Орбан кој изјавува „беше време некој од САД да дојде во Европа и да ја промовира конзервативната мисла наместо либералните вредности“. Сепак, на крајот Бенон ги избра Салвини и Италија како центар за своите операции. Најинтересниот елемент во ова интервју е изјавата дека неговиот план е да го ангажира Меклафлин како главен анкетар во Европа. Во тој момент Меклафлин е веќе ангажиран од Фидес на Орбан. Иако Бенон може да се смета за еден од оние што ја отвориле вратата за Меклафлин во Унгарија и во Европа, не треба да се занемари улогата на Артур Финкелштајн, кој се до пред смртта во август 2017 година е активен партнер во компанијата Danube Bussiness Consulting регистрирана во Велика Британија, заедно со главниот политички советник или „спин-доктор“ на Орбан, Арпад Хабони.
Арпад Хабони – од човек со многу долгови до медиумски магнат
Контроверзниот „спин-доктор“ на Орбан, Арпад Хабони, е човекот кој во последната деценија станува главен играч во градење на медиумската империја под контрола на Орбан, започнувајќи од големата победа во 2010 г., кога Фидеш освојува 2/3 мнозинство во унгарскиот парламент. Иако Орбан никогаш официјално не ја признал оваа релација, активностите и информациите недвосмислено укажуваат дека ова е човекот кој му дава политички совети. Во периодот 2009 -2014 г., Хабони на даночните власти им пријавува исклучиво заеми од влијателни луѓе блиски на Орбан, додека денес важи за еден од најбогатите Унгарци и човек кој се наоѓа помеѓу првите 5 највлијателни личности во Унгарија. Иако на оваа тема многу се пишувало, сепак, за моменталниот контекст најважни се два аспекта. Првиот е сопствеништвото на Modern Media Group, со која Фидеш го започнува походот за контрола на највлијателните медиумски куќи во Унгарија. Како сопственик на оваа компанија, Арпад Хабони се откажува од финансиска компензација и таа влегува под Централно европската прес и медија фондација – КЕСМА. Според стратегијата, во сопствеништво на оваа фондација влегуваат околу 500 медиуми, со што таа станува еден од најголемите и највлијателни медиумски конзорциуми во Европа. Вториот аспект е контроверзното влегување на пазарите во Словенија и во Северна Македонија, преку своите соработници Шац и Адамик.
Како што наведовме, ниту еден од овие медиуми не ја спомена компанијата Danube Business Consulting за предметната анкета, туку сите го третираа твитот на Џон Меклафлин.
Danube Business Consulting
Според expres.mk, vecer.mk и opserver.mk Danube Business Consulting е водечка компанија за истражување на јавното мислење во САД. Ова тврдење се разминува со реалноста, со оглед на тоа што ако во моментов Меклафлин е една од компаниите која работи за претседателот Доналд Трамп, Danube Business Consulting (DBC) нема никакво присуство во САД. Напротив, DBC надвор од Унгарија има работено во Франција, при поразот на Никола Саркози 2017 г., како и за ХДЗ во Хрватска во 2016 г. Компанијата е регистрирана во Велика Британија во 2015 г., како содружништво помеѓу Арпад Хабони и Артур Финкелштајн. По смртта на Финкелштајн, Хабони останува сам во компанијата.
Значи, станува збор за компанија во сопственост на странски државјанин, која нема регистрирана подружница во Северна Македонија, исто како и McLaughlin and Associates. Оттука се наметнува дилемата – како овие компании работеле на територијата на Северна Македонија и како ги покриле трошоците за обемната истражувачка активност? Доколку ангажирале домашен партнер да го реализира истражувањето, тогаш јавноста би требало да знае кој е тој.