Амбасадата на САД во БиХ, слично како пред неколку дена американската амбасада во Косово, денеска изрази поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“, која засега ги вклучува само Македонија, Албанија и Србија, додека Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина се противат на приклучувањето
Соединетите Американски Држави целосно ги поддржуваат регионалните напори во областа на економијата, кои се стремат кон координација и интеграција во согласност со правилата и стандардите на Европската Унија, рекоа денеска за „Аваз“ од канцеларијата за односи со јавноста на Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина, како одговор на прашањето на босанскиот дневен весник за тоа каков е ставот на САД во врска со иницијативата „Отворен Балкан“ потпишана од претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама.
Завршете ги реформите
„Воспоставувањето посилни економски и политички врски во регионот е дополнителен поттик за постојните напори за завршување на реформите неопходни за членство во ЕУ. Регионалната интеграција и економските реформи се неопходни доколку Босна и Херцеговина сака да привлече инвестиции и да обезбеди одржлив економски раст“,
рекоа од Амбасадата на САД во Сараево.
Оттаму додаваат дека Босна и Херцеговина треба да ги искористи иницијативите за регионална интеграција за да постигне напредок во постигнувањето на слободното движење на луѓе, стоки и услуги.
Прифатете напорна работа
„Ги охрабруваме сите шест земји од Западен Балкан да го искористат неодамнешниот импулс за понатамошен напредок и да започнат напорна работа за да остварат заедничка заложба за формирање заеднички регионален пазар. Западен Балкан има огромен неискористен потенцијал, кој е изразен во визијата и напорите на неговите народи да бидат успешен и просперитетен регион кој е целосно интегриран во ЕУ“,
изјавија од Амбасадата на САД во БиХ за „Аваз“.
Претходно со сличен став излегоа и од американската амбасада на САД во Приштина од каде што рекоа Косово не треба да ги затвора вратите за „Отворен Балкан“ и да прифати решенија што носат резултати за граѓаните на Косово.
„Го охрабруваме Косово да бара можности за намалување на трговските бариери, зголемување на нејзината економска конкурентност и изградба на регионално интегрирана и еластична економија, која дава резултати за сите граѓани на Косово“,
рекоа пред неколку дена од Амбасадата на САД во Косово.