Нововработени во Државниот инспекторат за земјоделство, со македонски имиња и презимиња, се изјасниле како Албанци, јави ТВ Алсат.
Даниела Корзовска, Сашко Стојановиќ, Цветанка Геговска и десетици други се изјасниле како Албанци, а откако ги исполниле другите услови, доволно било уште да поминат на балансерот за правична етничка застапеност во институциите, посочува телевизијата.
Конкурсот објавен на 29 јануари 2020 година за вработување на 20 лица во овој инспекторат, не бара кандидатите да го знаат албанскиот јазик, што го олеснува исполнувањето на овој критериум. Од кандидатите Албанци се бара добро познавање на македонски, англиски, француски и германски јазик.
Алсат потенцира дека ова не е прв пат да се манипулира со системот за вработување кој се базира на софтвер за балансирање и обезбедување правична етничка застапеност во институциите.
Од Агенцијата за администрација, која го објави огласот, претходно за телевизијата информираа дека лицата го злоупотребуваат уставното право да се изјаснат за својата етничка припадност.
Државниот инспекторат за земјоделство не даде коментар на прашањата на Алсат, а вицепремиерот Љупчо Николовски вети систематски решенија за начинот на управување и вработување во државните институции и тела. Сепак, како ќе се решава проблемот во пракса засега одговор нема.
Пред извесно време Алсат информираше за слични случаи како што е вработување на раководител на сектор во Дирекцијата за спроведување на санкции. Имало случаи кога за да се прилагодат на конкуренцијата, граѓани Македонци се декларирале како Турци, Роми, Бошњаци, Власи и Срби.