Досега свои кандидати, покрај Алијанса за Албанците, во работната група номинираа од СДСМ и од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски
Ремзи Мехмеди од Алијанса за Албанците е претставник кого партијата го номинира за член на работната група за уставни измени, информираат од партијата.
Рокот за номинирање претставници во работната група за измени на Уставот, кој Министерството за правда им го даде на институциите и политичките партии, истекува денеска.
Претходно Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ, соопшти дека партијата ја номинира Цветанка Иванова за претставник во работната група за измени на Уставот.
Претседателот Стево Пендаровски во четвртокот потврди дека негов претставник во работната група за уставни измени ќе биде професорот на Правниот факултет Александар Спасов, кој е и негов правен советник.
Освен парламентарните политички партии. во работната група при Министерството за правда претставници треба да номинираат и од Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања и експерти од областа на уставно право.
Од партиите од опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица, Социјалистичка партија и Демократски сојуз викендов најавија дека нема да предложат свои претставници во работната група за уставни измени.