Ниту опозицијата ниту граѓаните нема да ги заплашите и демотивирате од битката за правда и одговорност. Секој ваш притисок ќе ви се врати како бумеранг, порача партијата
Алијанса за Албанците го осуди апсењето на петтемина учесници на вчерашниот протест во Тетово и побара нивно ослободување.
„Има десетици случаи и трагедии во кои многу граѓани ги загубија животите и беа оштетени на различни начини, како резултат на последователните влади на ДУИ и во ниту еден од нив нема уапсени. Имаме 14 наши сограѓани изгорени во пожарот во модуларната болница во Тетово и сè уште нема апсења или разрешени. Во меѓувреме, кога граѓаните бараат одговорност и правда за сите овие трагедии, полицијата и власта се брзи во нивно апсење и гонење“,
порачаа од Алијанса за Албанците на денешната прес-конференција.
Протестот е демократско право и е загарантиран со Уставот, додека револтот изразен во нив е само рефлексија на незадоволство од актуелната влада, додаваат од партијата.
„Во протестот имаше и роднини кои ги загубија и најсаканите. Ве известуваме дека ниту опозицијата ниту граѓаните нема да ги заплашете и демотивирате од битката за правда и одговорност. Секој ваш притисок ќе ви се врати како бумеранг“,
порачаа од Алијанса за Албанците.
Инаку, во вчерашните немири на протестите беа полесно повредени четворица полицајци. Судирите со полицијата настанаа откако дел од демонстрантите се обидоа да стигнат до седиштето на ДУИ, а претходно фрлаа со јајца по општинската зграда.