Од партијата за „360 степени“ велат дека на денешната средба меѓу в.д. лидерот на Алијанса за Албанците и премиерот Димитар Ковачевски се очекува премиерот да даде конкретна понуда за влез на АА во Владата
„Понудата што ќе ни биде дадена ќе се разгледува во органите на партијата“, велат од АА
Алијанса за Албанците (АА) очекува дека на денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски ќе добие конкретна понуда за влез во Владата. Од АА за „360 степени“ велат дека досега немаат добиено конкретна понуда за тоа кои министерства би им биле понудени.
„Очекуваме дека на денешната средба премиерот Димитар Ковачевски ќе даде конкретна понуда за влез на Алијанса на Албанците во Владата. Понудата што ќе ни биде дадена ќе се разгледува во органите на партијата“,
велат од АА за „360 степени“.
Според неофицијалните информации на кои се повикуваат дел од медиумите, според нивни извори во Владата, на Алијанса за Албанците би ѝ биле понудени три од министерствата за здравство, образование, земјоделство, правда и за животна средина, за да стане дел од власта.
Ако дојде до договор Алијанса да стане нов владин партнер, тогаш СДСМ, ДУИ и Алтернатива ќе треба да ѝ отстапат по едно министерско место на Алијанса за Албанците.
Според неофицијалните најави, Таравари би добил и три заменик-министерски позиции, како и директорски места.